БУДНА ВОДА ! Изложба на слики од Дијана Петкова

59

На 19.8.2026, во Уметничката галерија „Амам“ при НУ Музеј – Гевгелија, во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“, со почеток во 21:00ч.,со промоција на книгата „Разбудена вода“, ќе биде поставена „Будна вода“- изложба на слики од Дијана Петкова. За изложбата ќе зборува и ќе ја отвори Емилија Старделова-директорка на Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија.

Циклусот „Будна вода“ опфаќа четириесет дела, но ќе бидат изложени само дваесет. Сликите се работени во техниката акрилик на платно и комбинирана техника, во периодот од 2022 – 2025 година. Збирката, „Разбудена вода“ содржи дваесет хаи[бун]накуа и дваесет фотографии од слики од Дијана Петкова.

Изложбата е посветена на Љубица Петкова, тетка на авторката, чијшто живот прерано згаснал и тие две никогаш не се запознале.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи, а сликање учела кај академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски.

Авторски потпис ставила на изложбите „Момент во денот“ и „Будна вода“, на онлајн изложбите на платформата Artsteps: “Life is poetry”, „Поврзи се“ и „Седум порти на лотосот“. Учествувала и на дваесетина групни изложби.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ „Стожер“, ТЕА модерна и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), „Самодиви“ – панорама на поезија пишувана од жени, од преродбата до денес приредена од Славе Ѓорго Димоски и Јулијана Величковска(2023),во повеќе е-збирки и во Зборниците на Поетски слем Македонија (2021, 2022,2023,2024).

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо•хаику дневник (2020), „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку и „Разбудена вода“ – хаи[бун]наку/каталог.

Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што работи како менторка во студиото за креативно пишување, организирала дваесет и една завршна изложба и промовирала шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши! и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар. Живее и работи во Скопје.

И БИ ВОДА!

(Рецензија за „Разбудена вода“-хаи[бун]наку од Дијана Петкова)

Писателката Дијана Петкова е мошне интересен феномен на современата македонска книжевна сцена. Вљубеничка во хибридните книжевни форми, инспирарани од традиционалните јапонски и модерните американски куси поетски форми, создава свои авторски форми, а во нејзината најнова експериментална збирка „Разбудена вода“ поместува дваесет патописни хаи[бун]наку-а инспирарани од нејзините патувања на места каде што има вода и уште толку хаи[на]ку-а, превртено и огледално хаи[на]ку. И токму во оваа комбинација на нова и авторска книжевна форма хаи[бун]наку во комбинација со патописот и мотивот на екологијата се содржи најголемата иновативност и уникатност на ова дело.

Форма: Петкова овојпат пред македонската книжевна читачка и академска јавност ја воведува формата што таа ја нарекува хаи[бун]наку и ја дефинира оваа своја авторска форма како „кратка хибридна форма инспирирана од хаибунот, но во неа краткиот расказ наместо со хаику е искомбиниран со хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и огледално хаи[на]ку“, современи и нови куси поетски форми кои како менторка ги воведов на курсевите по креативно пишување што ги држев во неформалното образование (да се потсетиме, хаи[на]ку-то претставува многу едноставна поетска форма составена од три реда со еден збор во првиот ред, два збора во вториот и три збора во третитот ред. Тоа е нова поетска форма која за првпат ја промовира американската поетеса Ајлин Табиос во 2003 година).

Жанр: Петкова нејзината најнова книга ја посветува на патописите, кои, како што самата напоменува во воведот произлегле од нејзините патувања на места каде што има вода. Тие места се наоѓаат во Македонија, но и во странство, правејќи ја сета Земја нејзин дом. Нејзините патописи се уникатни, фокализацијата им е секако, автобиографска и белетристича, нефактичка, а тоа само се надополнува со формата во која се напишани.

Симболизам: Во најновата книга на Дијана Петкова, симболот на водата е многу моќен. Авторката пишува за свеста на водата, но и за свеста за водата; во својот вовед водата ја става на пиедестал велејќи дека водата е нејзината „водилка-придружничка“. Низ хаи[бун]наку-ата се среќава богат речник кој укажува на симболот на водата во сите нејзини агрегатни состојби и со сите нејзини физички и хемиски својства: река, небо, облак, водолии, солзи, плови, море дури и топоними(пр. Треска, Радика, Гратче, Бабуна, Вардар, но и Комо, Лугано, Остенде, Шевенинген…), но и симболи со антонимско значење (пр. каменот).

Женско писмо: „Разбудена вода“ претставува и пример за таканаречено женско писмо и тоа од многу аспекти. Прво, напишана е во жанр измислен и промовиран од жена авторка, кој се базира на жанр кој, исто така, е измислен и промовиран од жена авторка, а на ова може да се надоврземе и дека ниту еден маж автор никогаш претходно не напишал книга во овие жанрови. Второ, за разлика од „машките“ патописи, кои се дескриптивни, фактички, понекогаш дури и оценувачки, „женските“ патописи на Дијана Петкова се пишувани од една сосема поинаква фокализација; тие се поетични и интроспективни и прават силни паралели меѓу внатрешниот душевен и надворешниот конкретен свет. Уште во втората реченица на воведот, авторката го воведува симболот на водата како нешто „најженско“:„[водата] ме следи уште од мојот зачеток, во утробата на мајка ми, преку моето раѓање и продолжи во мојата утроба со раѓањето на двете деца што ги донесов на овој свет“. Таа поврзаност на жената и мајката со водата се провлекува низ сите хаи[бун]наку-а во збирката, па и во воведот. Авторкта пишува дека таа свесно оди на места каде што има вода за да биде во близина на водата, затоа што присуството на водата ѝ е пријатно и со желба да ги разбере нејзините шепотења и да може подолго да ужива во благодатите на водата, свет што го дава и на читател(к)ите.

Општествено-одговорно книжевно дело со еколошка свест и порака: „Разбудена вода“, меѓу другото, претставува и книжевно дело со еколошка свест и порака, а тоа го прави ова дело општествено одговорно. Имено, фактот што водата е препознаена како важен природен ресурс, а истовремено и како важен книжевен симбол, го мапира ова книжевно дело меѓу ретките книжевни, ненаучни дела посветени на екологијата и инспирирани од неа. Во делото се читаат јасни пораки за важноста на водата како природен ресурс, меѓу кои и поракта за „подигнување на свеста кај луѓето за значењето на водата и за развивање одговорен однос кон неа“: „Внимателно да ја користиме и да не ја трошиме непотребно/залудно. Кога ги гледам реките, езерата, морињата и океаните, постојано го слушам нивниот молбен глас да станам уште посвесна, да не загадувам за да можам…“

Збирката хаи[бун]наку-а на Дијана Петкова, „Разбудена вода“, е дефинитивно иновативно и уникатно дело, не само во Македонија, туку и во глобални рамки. Она што јас го воведувам теоретски во книжевноста преку своите работилници за креативно пишување, Дијана Петкова го втемелува со/во своите збирки. Искрено се надевам дека нејзините дела ќе инспирираат нови, особено млади, автор(к)и за да создадат нови дела од овој тип и со тоа ќе се прошират и востановат ваквите иновативни и креативни книжевни жанрови во Македонија, па и надвор од нејзините граници.