Тие беа многу млад брачен пар, во брак само неколку месеци. Но, дури и за тоа кратко време, можеле да сфатат дека бракот не е онаков каков порано си го претставувале.
Всушност, не е дека повеќе не се сакале; спротивно, сѐ уште чувствувале огромна емоција еден за друг. Но, сѐ поретко ги искажувале.
А само неколку месеци порано, како да се натпреварувале кој прв ќе каже “Те сакам”. Или кој повеќе тоа ќе го каже во еден ден. Или кој тоа на другиот ќе го докаже на интересен или специфичен начин. И тоа не им било тешко, ниту можело да им биде досадно. Тие тоа го правеле искрено и со љубов; им причинувало задоволство своите чувства да ги покажат еден на друг.
Сепак, во еден момент како сè од корен да се променило. Во последно време биле толку напнати што и најмал настан или најневажен збор биле доволни за сериозна расправија и навредување.
Веќе сосем очајни и уморни од новонастанатата ситуација, една вечер одлучиле да седнат и да позборуваат за сè. И, ако е можно, да се најде решение кое ќе биде од взаемна корист.
Ниту еден од нив не сака развод, но во исто време биле и свесни дека е невозможно да се живее на таковг начин. Сѐ им било јасно, но не наоѓале зборови со кои тоа би го искажале. Долго седеле еден спроти друг во тишина, растргнати помеѓу контрадикторни чувства и мисли, постојано прашувајќи се, кое решение би било најдобро за нив.
И одеднаш мажот потскокнал:
“Ми падна нешто на ум!” рече со очигледен ентузијазам во гласот. “Ајде да засадиме дрво во градината и тоа ќе биде “Наше дрво”! Ако во наредните три месеци, дрвото овене – ќе се разведеме. Но, ако се прими и почне да расте и да се развива – никогаш нема да си дозволиме на било каква помисла на развод. А за тоа време, можеме да спиеме и во одвоени соби. Што мислиш? Дали си за?”, праша несигурно и впери кон неа поглед полн со очекување.
Во прво момент на жената тоа ѝ се чинеше сосема чудна и луда идеја – дека иднината на бракот им зависи од некое дрво. Но кога подобро размислила за безнадежноста на нивната ситуација – на крајот се согласи.
Следното утро отишле заедно во најблискиот расадник и купиле едно од помалите дрвја. Се вратиле дома, избрале соодветно место во градината и помагајќи му еден на друг – го засадиле.
Поминало околу еден месец од тој ден.
Една ноќ се судриле во темнината на нивната градина. На прва во погледите им се видело чудење, за потоа да се претвори во радосен сјај.
И двајцата во рацете носеле по кофа со вода.
Секоја вечер оделе да го полеваат дрвото …



















