Бајкалско езеро | Волшебната убавина на замрзнатото и најдлабокото езеро во светот

2870

Покрај тоа што е најдлабоко и најстаро во светот, Бајкалското Езеро, кое се наоѓа во Сибир во азискиот дел на Русија, секако е едно од најубавите езера во светот – во текот на сите годишни времиња, а особено во текот на студените сибирски зими.

Седмо по големина во светот, старо околу 25 милиони години и длабоко 1.624 метри, Бајкалското Езеро е исто така најголемото (по волумен) слатководно езеро кое содржи приближно 20% од незамрзната површинска слатка вода во светот.

Ова езеро се смета за исклучително важно за еволутивната наука, со оглед на тоа што е дом на неколку ендемични растенија и животни, особено уникатната слатководна Бајкалска фока.

Езерото е дом на повеќе од 1085 видови растенија и 1550 видови животни од кои речиси 80% се ендемични видови! Самиот регион околу езерото има околу 1.200 историски, археолошки и културни споменици, а околу 1.000 споменици веќе се ставени под заштита на државата.

Во старите кинески текстови, ова езеро било познато како „Северно Море“. Ова не е премногу изненадувачки со оглед на тоа што Бајкалското Езеро е долго речиси 640 километри, широко 80 километри, а во него се влеваат повеќе од 300 реки – но само една, Ангара, истекува.

На некои места водата во езерото е толку чиста што често лесно можете да видите предмети и до 40 метри под површината.

Бајкалска фока

Речиси пет месеци годишно Бајкалското Езеро е покриено со мраз. За време на процесот на замрзнување, студените бранови се разбиваат од брегот и се претвораат во тиркизни скулптури од мраз. Во различни делови на езерото, слојот мраз може да биде дебел 5 cm, па сѐ до 2 метри – доволно за да поминуваат автомобили преку него (минимум 30 cm).

Помеѓу мај и јуни мразот почнува да се топи и токму во овие моменти Бајкалското Езеро станува магнет за туристите кои доаѓаат овде да слушаат природен оркестар наречен „ледена музика“ – звукот од пукање на мразот и бранови кои се пробиваат до површината повторно по пет месеци.