Ал Мудар само тренинг за полуфинале

1410

Екипата на Вардар го комплетираше списокот на полуфиналисти на Супер Глоуб турнирот откако денеска во последното четврт-финале ја совлада екипата на Ал Мудар со 34:27.

Освен при отворањето на средбата и првите неколку минути остатокот од натпреварот мина во знакот на вардарци кои сосема заслужено се изборија за победата над противникот од Саудиска Арабија.

Неизвесни на овој дуел беа само првите десет минути. Толку траеше вистинскиот отпор на противникот од Саудиска Арабија за актуелниот шампион на Европа. Почетните 1:1 кои стоеше 5-6 минути брзо донесоа ослободување во играта на Вардар, па не беше проблем постепено да се тргне кон зголемување на разликата.

Кугис имаше добра партија од почетокот на средбата и тоа помагаше да се има и поголема цврстина во одбраната. Противникот тешко се снаоѓаше, па тоа донесе 7:4 после 13 минути игра. Овие три гола, беа само најава за продолжението бидејќи многу брзо дојдоа плус пет позитива и далеку помирна игра во завршницатга од првиот дел.

Без поголеми проблеми петте гола беа зачувани и на одмор се замина со 17:12. Противникот на моменти се доближуваше, но тоа не влијаеше многу на вардарци бидејќи секогаш наоѓаа начин за да се вратат на сигурна предност.

Петте гола од првиот дел во второто полувреме многу брзо беа претворени и во десет гола разлика. Ова се случи уште во 40. минута, па рано тимот на Вардар дојде до сигурна предност која го промовираше и последниот полуфиналист.

Во финишот од средбата противникот успеа да намали и да дојде до помала негатива. Сепак, тоа беше веќе завршница од средбата кога на теренот се најдоа и помладите, но и моменти кога немаше потреба за дополнително трошење бидејќи полуфиналето беше обезбедено многу порано.

ВАРДАР – АЛ МУДАР 34:27 (17:12)

Сала: Спортска сала во Дамам. Гледачи: 3000. Судии: Јиржи Новотни и Вацлав Хорачек од Чешка. Делегати: Јосип Посавец од Хрватска, Салвио Седрез од Бразил и Мортен Пер Содал од Норвешка.

ВАРДАР: Кугис (7 одб.), Гедбан 1/1 (2 одб.), Кизиќ (4 одб.), Кукуловски, Димитриоски 2/3, Кристопанс 3/4, Пелко 3/4, Дисингер 5/8, Атман 2/3, Скубе 1/3, Чупиќ 5/5, Дибиров 7/8, Горбок 0/2, Шишкарев 2/3, Горпишин 3/5.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 10 мин.

АЛ МУДАР: Абдрбалхусаин (8 одб.), Ал Турак (4 одб.), Газви, Ал Јанаби, Зајед 5/8, Абусахен 2/4, Ал Абдулали 4/4, Ал Хулаили 2/2, Алабас 1/2, Алмадан 0/2, Алсалам 2/6, Алабас 1/6, Абу Алрахи 3/3, Јазири 6/12, Алматрод 0/1, Алсафар 1/1.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 10 мин.

24rakomet.mk