Пронајдениот човечки фосил би можел да биде најстариот во Европа

1164

ФРАГМЕНТ од вилица откриен минатиот месец во северна Шпанија би можел да биде најстариот фосил на човечки предок кој некогаш бил пронајден во Европа, изјавија вчера шпанските палеонтолози.

Научниците соопштија дека фосилот пронајден на 30 јуни на археолошки локалитет на планините Atapuerca во северна Шпанија е стар околу 1,4 милиони години.

Досега, најстариот фосил на хоминид, исчезнат примат со човечки карактеристики, била вилицата пронајдена на истото место во 2007 година, која се проценува дека е стара 1,2 милиони години.

Atapuerca содржи една од најбогатите збирки на предмети од човечката праисторија во Европа.

Истражувачите сега ќе треба да ја завршат првата проценка на староста на фрагментот на вилицата користејќи научни техники за датирање, изјави на прес-конференција палеоантропологот Jose-Maria Bermudez de Castro, еден од водачите на истражувачкиот проект Atapuerca.

„Логично е да се мисли дека е постар“

Но, бидејќи фрагментот од вилицата беше пронајден приближно два метри под слојот на почвата каде што вилицата била пронајдена во 2007 година, „логично и рационално е да се мисли дека е постара“, додаде тој. Научното датирање на фрагментот од вилицата ќе го изврши Националниот центар за истражување на човечката еволуција во Burgos, град на приближно 10 километри од Atapuerca.

Постапката треба да трае меѓу шест и осум месеци, изјави Bermudez de Castro. Анализата може да помогне да се открие на кој тип на хоминид му припаѓа фрагментот од вилицата и да помогне подобро да се разбере еволуцијата на човечките суштества на европскиот континент.

Научниците сè уште не успеале со сигурност да утврдат на кој вид му припаѓа вилицата откриена во 2007. Фосилот би можел да одговара на видот наречен homo antecessor, откриен во 1990-тите.

„Едно од првите популации што ја колонизира Европа“

Фондацијата Atapuerca, која управува со локацијата, во соопштението рече дека е „многу веројатно“ дека фрагментот од вилицата „припаѓа на една од првите популации што ја колонизирале Европа“. Во 2000 година, археолошкиот локалитет Atapuerca беше вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО, што му овозможи пристап до финансиски средства од Обединетите нации.

Содржи илјадници фосили од хоминиди и нивни алатки, вклучително и кремен стар 1,4 милиони години, пронајден во 2013 година.