Проникнале растенија од почвата на Месечината

1388
Најновото истражување буди надеж дека растенијата можат да растат на Месечината, но и на Марс.

Три дена откако научниците од Универзитетот во Флорида засадиле семе од цветен пиреј проникнало во примероци на почва од Месечината.

Растенијата можат да растат на тлото на Месечината, покажува најновото истражување на научниците од Флорида, кое поттикнува надеж дека растителните видови од нашата планета можат да растат и на други небесни тела во вселената.

Имено, користејќи примероци од почвата кои НАСА ги собрала на Земјините сателити во своите мисии во 1969 и 1972 година, а потоа неодамна им обезбедила на експертите 12 грама од овој примерок за истражување, експертите засадиле семе од цветен пиреј/плевел. Во истражувањето се користени 12 мали садови кои содржат грам Мецечева.

– Бевме без здив кога видовме дека семките никнале и дека саксиите се полни со зелени никулци. Ова знаење е револуционерно и ја отвора вратата за нови истражувања на Месечината, но и на Марс – објаснува Ана Лиза Пол, професорка по хортикултура на Универзитетот во Флорида и коавтор на студијата.

Семето на истото растение е засадено и во пепел од вулканско потекло, која по состав е најблиску до примерокот земен од Месечината, за научниците да ја споредат брзината и начинот на раст на растенијата. Примероците се чуваат во исти услови – на температура од околу 23 Целзиусови степени со LED осветлување.

Ана Лиза Пол и Роб Ферл за време на истражувањето на Универзитетот во Флорида (Фотографии од АР / Тајлер Џонс)

Семињата никнале во двете групи примероци за три дена.

Истражувањето покажало дека растенијата од почвата со вулканско потекло растат малку побрзо, што не е невообичаено, со оглед на недостаток на хранливи материи во примероците од Месечината. Научниците, како што тврдат, биле изненадени што воопшто никнале растенија од почвата на Месечината.

„За нас е неверојатно да ги гледаме овие растенија како растат. Ова откритие ни кажува дека можеме да одгледуваме храна на Месечината, да го чистиме воздухот и да ја рециклираме водата со помош на растенијата на начинот на кој ги користиме на Земјата. Исто така, резултатот од нашето истражување ни покажува дека земниот живот не е ограничен само на Земјата – вели Роб Ферл од споменатиот институт, кој е и коавтор на истражувањето.

Научниците и вселенските истражувачи со години се обидуваат да откријат дали е можен живот надвор од нашата планета. Меѓу најновите истражувања е и мисијата „Артемис 1“, која НАСА во голема мера ја подготвува. Меѓу другото, треба да одговори дали е можен живот на Месечината.