Јапонската Тојота и германскиот Фолксваген постепено ги враќаат своите фабрики во Кина по неколкунеделна пауза поради короната.
Тојота денеска објави дека се подготвува да продолжи со работа во фабриката во Чангчун, во провинцијата Џилин, еден од најголемите кинески центри за производство на автомобили, откако производството запре на 14 март, пренесува Си-Ен-Ен.
„Сепак, времето за целосно продолжување на производството допрва треба да се одреди“, се вели во соопштението на јапонскиот производител на автомобили.
Фолксваген, од друга страна, веќе денеска го рестартираше производството во своите фабрики во Чангчун, кои исто така беа затворени од средината на минатиот месец, но нивната фабрика во Шангај, која ја води во партнерство со кинескиот државен производител на автомобили SAIC, останува затворена.
„Ние сме во фаза на проценка на изводливоста за продолжување на производството во фабриката во Шангај“, соопшти Фолксваген, пренесе Танјуг.
Ројтерс објави дека Тесла исто така се подготвува да го продолжи производството во фабриката во Шангај денеска по тринеделен застој, но никој од оваа компанија, на чело со најбогатиот човек во светот Илон Маск, не одговорил на повиците на Си-Ен-Ен кој се обидува да ја потврди таа информација.
Најлошиот бран на епидемијата на Ковид во Кина во последните две години ги наведе кинеските власти да ја зајакнат политиката на намалување на короната во земјата на нула и да затворат неколку големи градови, принудувајќи десетици милиони луѓе да останат во нивните домови.



















