Како што напредува технологијата на електричните возила, дизајнерите и научниците можеби ќе треба да се фокусираат не само на брзината и одржливоста, туку и на тоа како мозокот се прилагодува на новиот начин на движење во возило.
Како што електричните автомобили (EV) стануваат сè попопуларни (тие учествуваа со 22% од сите нови возила продадени низ целиот свет во 2024 година, во споредба со 18% во 2023 година), патниците сè повеќе пријавуваат неочекуван несакан ефект: мачнина при движење.
Социјалните мрежи се полни со поплаки од патници во електрични автомобили, особено на задните седишта. Ново истражување потврдува дека проблемот не е имагинарен, бидејќи причината лежи во начинот на кој мозокот ги обработува непознатите модели на движење.
Зголемената мачнина при движење кај електричните возила може да се припише на недостаток на претходно искуство, или како возач или патник, при што мозокот не ги проценува точно силите на движење бидејќи се потпира на искуство од други видови автомобили, изјави за The Guardian, William Emond, докторант на Технолошкиот универзитет во Belfort-Montbéliard во Франција, кој ја проучува мачнината при движење.
За разлика од класичните бензински или дизел автомобили, електричните возила немаат аудио или тактилни сигнали, како што се звукот на моторот или чувството на менување брзини, што му помагаат на мозокот да предвиди движење. Без овие сигнали, мозокот има тешкотии да препознае забрзување или сопирање, што предизвикува сензорна конфузија што води до гадење.
Непознати вибрации и влошување на симптомите
Неколку студии ги поврзаа клучните карактеристики на електричните возила со влошување на симптомите. Студија од 2020 година го истакна недостатокот на звук на моторот како можен предизвикувач. Студија од 2024 година пронајде силна поврзаност помеѓу вибрациите на седиштата кај електричните возила и сериозноста на гадењето. Авторите на друга студија од 2024 година заклучија дека повисоките нивоа на регенеративно сопирање можат да предизвикаат мачнина при движење.
Регенеративното сопирање, една од основните карактеристики на електричните возила, произведува нискофреквентно, постепено забавување. Иако е енергетски ефикасно, ова мазно сопирање може да предизвика непријатност кај патниците.
Зошто возачите не чувствуваат мачнина?
Подоброто познавање на сопственото движење ни овозможува да ги предвидиме силите на движење, што е клучно за спречување на гадење. Сепак, кога силите на движење што мозокот ги проценува или очекува се разликуваат од она што всушност го доживуваме, мозокот го толкува ова како „невронскo несовпаѓање“ и конфликтна ситуација, вели Emond. Возачите ретко ги чувствуваат симптомите бидејќи самите ги контролираат движењата на возилото.
Електричните автомобили претставуваат нова средина за движење за мозокот. Кога откриваме нова средина во која се движиме, мозокот мора да се адаптира бидејќи нема претходно искуство во таков контекст. На пример, ова е причината зошто скоро секој чувствува мачнина во бестежинска состојба, објаснува Emond.
Можни решенија во иднина
За да се намали непријатноста, научниците истражуваат употреба на визуелни и вибрациони знаци, како што се амбиентално светло или индикатори на екранот, за да му помогнат на мозокот да ги предвиди промените во движењето и на тој начин да спречи гадење.



















