ВАШИНГТОН – Првиот човек на кого му беше трансплантиранo свинско срце, 57-годишниот Дејвид Бенет, почина два месеци по трансплантацијата, соопшти болницата во Мериленд, каде што е направен првиот ваков медицински потфат.
Бенет починал во Универзитетскиот медицински центар во Мериленд.
Лекарите не ја соопштија причината за смртта, наведувајќи само дека здравствената состојба на Бенет почнала да се влошува неколку дена пред тоа, пренесе АП, пренесува Танјуг.
По трансплантацијата на 7 јануари, синот на Бенет рече дека неговиот татко знаел дека нема гаранција дека операцијата ќе успее.
Бенет беше првиот пациент кој некогаш добил трансплантација на животински орган кој бил генетски модифициран за да се спречи отфрлање на органот.
Претходните обиди за ксенотрансплантација не биле успешни бидејќи телото на пациентот брзо би го отфрлило трансплантираниот животински орган.



















