Европско-јапонската сонда BepiColombo ги испрати своите први фотографии од Меркур

2060
Фотографија на Меркур направена од вселенското летало BepiColombo додека во петокот летал покрај планетата.

Покрај првата планета до Сонцето, сондата ќе лета уште пет пати пред доволно да забави и да влезе во орбитата на Меркур

Вселенското летало BepiColombo ги испрати првите слики од Меркур кои ги сними додека прелетувал покрај најблиската планета до Сонцето. Сондата е дел од заедничката мисија на Европската и Јапонската вселенска агенција со крајна цел да влезе во орбитата на Меркур во 2025. година.

Прелетувањето во текот на ноќта од петок на сабота е првото од вкупно шестте прелетувања на Меркур што леталото ќе ги направи пред да влезе во орбитата. Целта на прелетувањето е да се искористи гравитацијата на планетата за да се забави сондата, и дури по петтото прелетување доволно ќе забави за да влезе во орбитата.

Во овој прв, BepiColombo се приближил кон Меркур на помалку од 200 километри и направил црно-бели слики со мала резолуција на растојание од 2418 километри со една од надзорните камери, пренесува Guardian.

Совршено прелетување

Европската вселенска агенција (ESA) соопштила дека сликата ја покажува северната хемисфера на Меркур и карактеристичните кратери на површината на планетата, вклучувајќи го и кратерот Лермонтов, широк 166 километри.

„Прелетот на вселенското летало е совршен и неверојатно е што конечно можеме да ја видиме планетата што е крајната дестинација на сондата“, рече Elsa Montagnon, шеф на мисијата.

По влегувањето во орбитата на Меркур, сондата со два сателити ќе ги проучи сите аспекти на планетата, од јадрото до површината, магнетното поле и егзосферата, за „подобро да се разбере потеклото и еволуцијата на планетата која е блиску до ѕвездата“, изјавиле од ESA.

Уметничка импресија за BepiColombo што лета покрај Меркур.

Ќе го истражи јадрото

Меркур, освен Земјата, е единствената карпеста планета во нашиот сончев систем со магнетно поле, создадена од течно јадро. Научниците веруваат дека поради големината на јадрото, требало веќе да се олади и стврдне, како што се случило со јадрото на Марс. Во ESA се сомневаат дека на тоа можеби влијаела содржината на јадрото на Меркур и тоа е една од работите што BepiColombo ќе ги испита со поголема прецизност отколку што било можно досега.

Заедничката мисија на европските и јапонските агенции е лансирана во 2018 година и сондата еднаш прелета над Земјата и двапати поред Венера на пат кон Меркур.

Името го доби по италијанскиот научник Giuseppe Bepi Colombo, кој помогнал да се развие маневар за забавување на вселенското летало користејќи ја планетарната гравитација. Маневарот првпат го има изведено вселенското летало „НАСА“ Маринер 10 на пат кон Меркур во 1974 година.

Меркур во орбита околу Сонцето