Голема студија предупредува | Прекумерниот шеќер може трајно да ја оштети меморијата

97
Исхраната богата со шеќер може да има долгорочни последици врз мозокот и меморијата, а дел од штетата можеби не може целосно да се поправи, дури и по преминување на поздрава исхрана.
До овој заклучок доаѓа нова анализа на научни истражувања објавена во списанието

Меморијата се подобрува, но не целосно

Научниците анализирале 27 претклинички студии спроведени врз стаорци и глувци, со цел да утврдат како нездравата исхрана влијае врз мозокот и дали последиците можат да се поништат.

Истражувањето покажало дека преминот од исхрана богата со масти и шеќери кон поздрава исхрана навистина носи подобрување на меморијата. Сепак, резултатите не достигнале ниво на животните кои отсекогаш се хранеле здраво.

„Подобрувањето на квалитетот на исхраната навистина помага, но закрепнувањето не беше целосно“, изјавил Simone Rehn, водечки автор на студијата и биопсихолог на University of Technology Sydney.

Шеќерот како главен проблем

Истражувачите забележале дека најголем проблем претставува токму високиот внес на додаден шеќер.

Глодарите кои преминале на здрава исхрана покажале подобри резултати на тестовите за меморија во споредба со оние што продолжиле со нездрави навики. Но, кај групите изложени на исхрана богата со шеќер, закрепнувањето било значително послабо.

„Диетите со висок внес на шеќер покажаа многу малку знаци на закрепнување. Тоа укажува дека шеќерот може да биде клучен фактор што го ограничува враќањето на меморијата“, објаснува Рен.

Хипокампусот најмногу страда

Според научниците, централна улога има хипокампусот — дел од мозокот задолжен за учење, меморија и регулирање на апетитот.

Претходни истражувања кај луѓето веќе покажале поврзаност меѓу исхраната богата со масти и шеќери и намалената функција на хипокампусот, а новата анализа дополнително ја потврдува оваа врска.

„Хипокампусот изгледа особено чувствителен на промени во исхраната“, наведуваат авторите на студијата.

Научниците предупредуваат: Не чекајте предолго

Главниот автор на анализата, Mike Kendig, вели дека кај луѓето е тешко да се изолира влијанието на исхраната, бидејќи промените често одат заедно со други фактори — физичка активност, расположение и секојдневни навики.

Сепак, пораката од истражувањето е јасна: намалувањето на внесот на шеќер е важно што е можно порано.

„Постои широко распространето верување дека последиците од нездравата исхрана лесно се поништуваат. Но, кога станува збор за меморијата, ситуацијата може да биде многу посложена“, предупредува Кендиг.

Научниците додаваат дека подобрувањето на исхраната секогаш има позитивен ефект, но долготрајната изложеност на нездрава храна може да остави трајни последици врз здравјето на мозокот.