Фински научници предупредуваат ! Бактерии од устата може да предизвикаат срцев удар

99

Ново истражување на научници од University of Tampere сугерира дека бактериите кои природно живеат во усната шуплина можат директно да бидат поврзани со појавата на срцев удар, отворајќи нови прашања за важноста на оралната хигиена и здравјето на срцето.

Студијата, објавена во Journal of the American Heart Association, анализирала артериски плаки кај повеќе од 200 пациенти со коронарна срцева болест. Истражувачите откриле изненадувачки висок процент на орални бактерии во крвните садови.

Според д-р Pekka Karhunen, со години постоеле сомнежи дека бактериите имаат улога во развојот на коронарната болест, но недостасувале цврсти докази.

„Нашата студија покажа присуство на ДНК од неколку орални бактерии во атеросклеротичните плаки“, изјавил Кархунен.

Атеросклерозата – тивка закана за срцето

Истражувањето се фокусирало на атеросклерозата – процес при кој маснотии, холестерол, калциум и други материи се таложат на ѕидовите на артериите и формираат плака.

Со текот на времето, артериите се стеснуваат, протокот на крв се намалува, а ризикот од пукање на плаката расте. Токму руптурата на плаката е една од најчестите причини за срцев удар, бидејќи го прекинува снабдувањето на срцето со кислород.

Бактерии пронајдени кај речиси половина од пациентите

Во студијата биле анализирани примероци од 121 пациент кои ненадејно починале, како и од уште 96 пациенти кои претходно биле оперирани поради насобрана плака во артериите.

Резултатите покажале дека т.н. вириданс стрептококи – бактерии кои нормално се наоѓаат во устата – биле присутни кај околу 42 проценти од испитаните плаки.

Научниците особено ги загрижило тоа што бактериските биофилмови биле откриени длабоко во јадрото на плаката, на места до кои имунолошкиот систем тешко може да допре.

Стресот и инфекциите можат да ја активираат опасноста

Истражувачите предупредуваат дека стресот, инфекциите и хормоналните нарушувања можат повторно да ги активираат „заспаните“ бактерии во плаката.

Кога тоа ќе се случи, доаѓа до силно воспаление кое може да ја дестабилизира плаката и да предизвика нејзино пукање – процес што директно води до срцев удар.

Според научниот тим, дополнителни бактериски инфекции, респираторни вируси, нездрава исхрана и хормонот на стрес норадреналин би можеле да бидат главни предизвикувачи на овој опасен механизам.

Оралното здравје станува сè поважно

Откритијата дополнително ја зацврстуваат врската помеѓу здравјето на усната шуплина и кардиоваскуларните заболувања.

Научниците сметаат дека идните истражувања би можеле да помогнат во разбирањето на начинот на кој бактериите од устата стигнуваат до артериите, но и да отворат нови можности за превенција и рано откривање на срцеви заболувања.

„Ова откритие придонесува за современото разбирање на патогенезата на миокарден инфаркт и отвора нови можности за дијагностицирање и превенција на фатални компликации од атеросклероза“, наведуваат авторите на студијата.