Во џунглите на јужно Мексико е откриен досега непознат антички град на Маите

1344
Слика од храмот Kukulcan, познат и како El Castillo (Замокот), скалеста пирамида што доминира со археолошкиот локалитет Chichen Itza - комплекс изграден од цивилизацијата на Маите на полуостровот Yucatan, од 2 декември 2010 година.

Досега непознат антички град на Маите е откриен во џунглите на јужно Мексико, соопшти во вторникот Антрополошкиот институт на земјата (INAH), додавајќи дека најверојатно бил важен центар пред повеќе од илјада години.

Градот вклучува големи згради во облик на пирамида, камени столбови, три плоштади со згради и други структури распоредени во речиси концентрични кругови, соопшти институтот INAH.

Тој додаде дека градот, наречен Ocomtún – што значи „камен столб“ на јукатанскиот јазик на Маите – веројатно бил важен центар во централниот низински регион на полуостровот помеѓу 250 и 1000 година од нашата ера.

На полуостровот Yucatán

Се наоѓа во еколошкиот резерват Balamkú на полуостровот Yucatán и е откриен за време на претресот на главно неистражен дел од џунглата, поголем од Луксембург. Пребарувањето се одвивало помеѓу март и јуни оваа година, користејќи технологија за ласерско мапирање од воздух.

Цивилизацијата на Маите, позната по своите напредни математички календари, се простирала по југоисточно Мексико и делови од Централна Америка.

Конфликтите, различните сојузи, борбата за превласт и војните довеле до нејзино опаѓање уште пред доаѓањето на шпанските конквистадори, во чии воени походи последното упориште е освоено кон крајот на 17 век.

Опкружен со мочуришта

Локалитетот Ocomtún има централна област лоцирана на високо место и опкружен со големи мочуришта, вклучува неколку пирамидални структури високи до 15 метри.

Градот имал и игралиште. Предхиспанските игри со топка, широко распространети низ регионот на Маите, се состоеле од носење гумена топка што го претставува сонцето по теренот без употреба на раце и поминување низ мал камен обрач. Се верува дека играта имала важна религиозна цел.

Тимот на арехеолози пронашол и централни олтари во областа поблиску до реката La Riguena, кои можеби служеле за ритуали во заедницата, иако се потребни повеќе истражувања за да се разберат културите што некогаш живееле таму.

Судејќи според пронајдените материјали, градот веројатно исчезнал помеѓу 800 и 1000 година.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.