6 непишани правила до кои се придржуваа шефовите на руската мафија

121

Постоеја непишани, но свети правила до кои кралевите на руското подземје беспоговорно се придржуваа.

1. Не соработувај со државата

За руските мафијашки босови државата претставуваше спротивност на слободата и независноста. Оттука, беше забранета каква било форма на соработка со државните и јавните институции. Забраната веројатно беше условена од желбата шефот на подземјето да одлучува самостојно, водејќи се само од кодексот на мафијашката чест и интересите на заедницата, никогаш не подлегнувајќи на туѓи притисоци или наредби, особено не на државата.

Во пракса, тоталното отфрлање на државата од страна на мафијашите е преточено во низа конкретни забрани: никогаш не го признавај обвинението, никогаш не му откривај корумпирани функционери на обвинителството, никогаш не сведочи на суд, никогаш не плаќај даноци, никогаш не прави договор со затворската управа итн.

2. Не поседувај куќа

Од овој важен принцип на криминалното подземје произлегоа низа правила и упатства во согласност со кои требаше да се однесува шефот на мафијата. Меѓу нив е и забраната за поседување скапи недвижнини или други ствари како автомобили и куќи.

Според поимањето на криминалниот свет, мафијашот треба да води скромен живот и со ништо да не се истакнува, за лесно да не го откријат властите. Како шеф на други криминалци, тој исто така требаше повеќе да се занимава со проблемите на своите подредени отколку со стекнување богатство.

Начинот на живот на шефот на мафијата требаше да биде аскетски до тој степен што му беше забрането да има постојан престој на кое било место во земјата.

3. Не се жени

Шефот на мафијата исто така не требаше да стапува во постојана врска со ниту една жена. Се веруваше дека брачните односи се луксуз за обичните луѓе. Оженет човек со семејство е поранлив, подложен на притисок, а кралот на подземјето не може да си го дозволи тоа. Исто така, се сметаше дека семејството ќе му одзема многу време на шефот, кој треба целосно да му биде посветен на криминалниот свет.

4. Не избегнувај затвор

Оној кој сакаше да стане дел од криминалната елита мораше да помине одредено време во затвор. Дури и оние криминалци кои веќе беа препознаени како шефови (церемонијата се одржуваше во затвор) често се враќаа зад решетки кога ќе дојдеше време да се замени некој од мафијашките босови.

Ова правило гарантираше никогаш да не се наруши сложената затворска хиерархија, бидејќи мафијашките босови, кои беа на врвот на затворскиот систем заснован на касти, ги држеа затворениците под контрола. Парадоксално, кралот на подземјето никогаш не можеше да го признае злосторството, бидејќи тоа бараше соработка со властите.

5. Никогаш не работи

Мафијашот не можеше да врши друга работа освен обврските во криминалниот свет. Во затворскиот систем во Русија се сметаше дека работата е понижувачка активност што не им прилега на босовите. Беше резервирана за најмасовната каста во рускиот казнен систем, за затворениците кои едноставно ги нарекуваа „мужики“ (мажи).

Ова правило потекнува од верувањето дека работата за туѓа корист подразбира подредена положба на работникот. При неговото крунисување шефот на мафијата се колнеше дека ќе заработува за живот исклучиво со крадење од богатите.

6. Не убивај со своја рака

Се веруваше дека вистинскиот шеф треба да го спроведува својот авторитет без употреба на оружје. Тоа подразбираше дека колегите криминалци го почитуваат неговиот авторитет и не се покоруваат само поради заканата од насилство. Меѓутоа, ако се појавеше потреба за тоа, шефот на подземјето секогаш можеше да им ја довери својата валкана работа на своите подредени.

Дознајте повеќе за системот на касти во руските затвори овде.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.