Она што го сторил режимот на Младотурците за време на Првата светска војна против припадниците на ерменскиот народ кои живеле во поголемиот дел од денешна источна Турција спаѓа во категоријата најголеми злосторства во 20 век. Ако не сте запознаени со овие настани, пред вас стои текст што разјаснува некои работи.
Многу се зборува за ужасните злосторства што Турците ги извршиле врз Ерменците за време на Првата светска војна, а во април 2015 година, по којзнае кој пат, започнал меѓународниот скандал меѓу Русија и Турција, откако претседателот Владимир Путин настанот го нарекол – геноцид.
КАДЕ ЖИВЕЕЛЕ ЕРМЕНЦИТЕ ПРЕД ЗЛОСТОРОТ?
Освен на Кавказ, тие практично ја населувале целата територија на денешна источна Турција. Во некои региони тие биле мнозинство, во други сочинувале половина од населението, додека во трети биле околу една четвртина од вкупното население. Вкупно, имало околу два милиони Ерменци.

ЗОШТО СЕ СЛУЧИЛ ЗЛОСТОРОТ?
Зарем тоа не е очигледно? Имало луѓе на врвот на Отоманската империја (Млади Турци) кои сакале Ерменците да исчезнат од нивните историски територии за да изградат хомогена турска (или, муслиманска) држава (бидејќи и Курдите учествувале во злосторството).
Официјална Анкара, се разбира, тврди дека не постоела политика на државно ниво за такво нешто, туку дека станува збор за индивидуално злосторство што командантите го извршиле сами.
ШТО СЕ СЛУЧИЛО?
24 април 1915 година обично се зема како датумот на започнување, кога османлиските власти собрале 250 ерменски интелектуалци и водачи на нивната заедница во Цариград и ги убиле. Се разбира, имало масакри врз Ерменците и во 19 век, но не на ова ниво.
Имало две фази од тој конкретен процес.
Првата фаза била собирање на сите возрасни мажи и нивно убивање, или преку директни ликвидации или преку тешка принудна работа.
Втората фаза била “маршот на смртта“, принудна преселба на жени, деца и стари лица во сириската пустина; не им давале храна и вода, и биле жртви на грабежи, силувања и колења.

Ова било толку ужасно што по заземањето на градот Ерзурум во март 1916 година, руската армија шокирана од гледката возвратила со контра масакр во сите делови на Османлиската трета армија, оние кои успеале да ги стигнат (бидејќи многумина избегале), затоа што сметале дека тие се виновни за злосторството.
Шведскиот амбасадор испратил извештај до Стокхолм со следнава содржина:
„Прогонот врз Ерменците доживеа најстрашни размери досега и сè укажува на фактот дека Младотурците сакаат да ја искористат можноста, бидејќи од различни причини нема ефективен надворешен притисок од кој треба да се плашат. Начините на кои се прави тоа се крајно едноставни и се состојат од уништување на ерменската нација“.
Наводно, клучна улога во овој процес имала таканаречената Специјална организација, која работела под османлиското Министерство за одбрана. Подоцна таа станала Турска служба за национална безбедност, од која се развила модерната организација за национално разузнавање.
Злосторствата биле извршувани до крајот на Првата светска војна, а во некои области дури подоцна, до 1923 година. Денес скоро и да нема Ерменци на територијата на Република Турција; неколку десетици илјади останати, претежно во Истанбул, се мизерен остаток со оглед на тоа колку ги имало пред само сто години.

КОЛКУ ЖРТВИ ИМАЛО?
Вкупниот број убиени Ерменци се проценува помеѓу 800 000 и 1,5 милиони, а стотици илјади биле протерани од своите домови и подоцна раселени низ целиот свет. Според документите што му припаѓале на Талат Паша, еден од извршителите на злосторството, најмалку 970 000 османлиски Ерменци “испариле“ од официјалните записи во периодот 1915-16 година.
КАКВА БИЛА РЕАКЦИЈАТА НА СВЕТОТ?
Целиот цивилизиран свет се кренал, протестирал, собирал помош, помагал, но малку можело да стори среде Првата светска војна. Копнената инвазија е откажана баш поради војната каде што мнозинството од сите сојузнички армии веќе биле позиционирани на клучни боишта (вклучувајќи го и солунскиот фронт).
ЗОШТО НЕ СЕ КОРИСТИ ЗБОРОТ ГЕНОЦИД?
Едноставно, балканските земји, со исклучок на Грција и Бугарија, не признаваат дека станува збор за геноцид, додека Велика Британија и Шпанија се во ист кош со големите европски земји.
САД (како унија) и Кина официјално не ги квалификуваат овие настани како геноцид, додека Русија, Германија, Франција, Италија и Бразил го користат терминот. Сепак, треба да се каже дека 43 сојузни држави на Соединетите држави го признаваат геноцидот.
Вкупно 28 меѓународно признати земји го користат овој термин, што е контроверзно за официјална Анкара. Историчарите, со исклучок на Турците, не се сомневаат и практично сите се придржуваат до тоа без резерва или исклучок.



















