Животот на полската хемичарка и физичарка Марија Кири е инспирација за генерации жени кои сè уште се борат за своето место во „машкиот свет“.
Марија Склодовска е подена 1867 година во Варшава, а светот ја памети како Марија Кири, првата жена добитник на Нобеловата награда.
Марија потекнува од скромно семејство кое го ценело образованието. Нејзиниот татко бил професор по математика и физика сè додека не го избркале поради неговите полски политички убедувања, а нејзината мајка била управител на женски интернат.

Таа ја напуштила работата кога ја родила Марија, а 10 години подоцна се разболела од туберкулоза и починала. Истата година, малата Марија ја однеле во интернат, а потоа се запишала во средно женско училиште, кое го завршила со голем успех.
Желбата за понатамошно образование тлеела кај девојчето чиј татко ѝ влевал љубов кон физиката и математиката, но во тоа време високото образование во редовните институции било резервирано исклучиво за мажи!
Тоа е резултат на патријархалните и политичките околности во земјата, но Марија го најде своето место на Универзитетот Латајка, патриотска институција која тајно ги школувала Полјаците. Сонувала да оди во Париз и да се запише на престижната Сорбона.

Одлучна да ги оствари своите соништа, таа се договорила со својата сестра Бронислава да ѝ помогне финансиски за нејзините медицински студии, а по завршувањето на студиите да го врати долгот. Марија се вработила како гувернанта и приватен учител во семејството Зоравски, па така и почнала да се раздолжува кај својата сестра.
Таа работа и ја донесе и првата голема романса која заврши несреќно. Се вљубила во Казимиерз Зоравски, синот на нејзините работодавци, кои не можеле да ја прифатат неговата врска со сиромашната гувернанта. Вљубениот пар сакал да ја легализира врската, но нивната љубов попуштила под притисокот на родителите.
Марија на крајот се преселила во Париз и се запишала на физика, хемија и математика на Сорбона. Следуваат години на тежок живот, одрекување и глад, но решителната Полјачка не се предала во намерата да дипломира.
Својата научна кариера ја започнува во 1894 година со истражување на магнетните својства на челикот, а истата година физичарот Пјер Кири влегува во нејзиниот живот. Ѝ требало лабораторија каде што би ги изведувала експерименти, а тој ѝ понудил место во неговата мала лабораторија.

Пријателството засновано врз заедничката страст кон науката полека прераснало во љубов, но Марија го одбила првиот предлог на својот колега затоа што верувала дека ќе се врати во Полска и ќе ја продолжи својата научна работа таму.
Пјер бил подготвен да се пресели со неа во друга земја и да работи како професор по француски јазик, но судбината имала поинаков план за нив. Имено, Марија не можела да добие место на Универзитетот во Краков затоа што била – жена. Тогаш Пјер ја охрабрил да се врати во Париз и да го заврши докторатот.
Двојката се венчала 1895 година, а на скромната церемонија, Марија носела темносин фустан наместо венчаница, кој го носела години подоцна како работна облека во лабораторијата.
Прва жена со Нобелова награда

Парот Кири се препуштил на научна работа, што во 1903 година резултирала со номинација за Нобелова награда. Комитетот првично имал намера да му ја додели Нобеловата награда за физика само на Пјер и неговиот колега Хенри Бекерел за истражувањето на феноменот на зрачење.
Сепак, шведскиот математичар и борец за правата на жените во науката, Магнус Густаф Митаг-Лефлер, го предупредил Пјер за тоа, па по неговата жалба, Мари Кири беше номинирана, а потоа стана и првата жена што ја освоила престижната награда. Три години подоцна, Пјер починал во сообраќајна несреќа.
Марија продолжила самостојно да ги воспитува своите ќерки Ева и Ирена, а во исто време да ги зајакнува своите позиции во светот на науката. Така, во 1911 година ја доби втората Нобелова награда, овој пат за хемија.

Во меѓувреме, таа одлучлила да го овековечи животот на нејзиниот сопруг на хартија, па ја напишала неговата биографија под едноставното име „Пјер Кири“. Набргу потоа, се вратила во нејзината родна Полска за да учествува во поставувањето на темелите на Институтот што го носи нејзиното име денес.
Починала на 4 јули 1934 година, како резултат на апластична анемија, што веројатно е предизвикана од долгорочното изложување на зрачење.

Денес ја славиме Марија Кири како една од најважните научници на сите времиња и икона на феминизмот поради која генерации девојки се осмелуваат да сонуваат големи соништа.



















