Астероидот нема да претставува никаква опасност за Земјата, а повторно ќе се врати кон почетокот на 2025 година.
Веќе сме навикнати на тоа дека кога го гледаме ноќното небо, доминира голема, светла Месечина. Но, Земјата за неколку дена ќе добие уште еден „вселенски придружник“.
Научниците откриле дека новооткриениот астероид, означен како 2024 PT5, привремено ќе стане „втора месечина“ на Земјата. Имено, од 29 септември до 25 ноември тој астероид ќе биде фатен од гравитацијата на Земјата и орбитата околу нашата планета. По таа кратка посета, ќе се врати во својата хелиоцентрична орбита и ќе го продолжи патувањето околу Сонцето.
Во своите истражувачки белешки, Американското астрономско друштво објасни за што точно се работи. Така, тие наведуваат дека астрономите првпат го забележале астероидот на 7 август 2024 година, користејќи ја јужноафриканската опсерваторија ATLAS (Asteroid Terrestrial-Impact Last Alert System).
Според нивните проценки, астероидот има дијаметар од околу 11 метри, а точните димензии би можеле да се утврдат при неговиот престој во близина на Земјата. Познато е дека астероидот 2024 PT5 доаѓа од астероидниот појас Arjuna (Арџуна), кој се состои од мали астероиди кои имаат орбити околу Сонцето слични на оние на Земјата.
Главниот автор на студијата, Carlos de la Fuente Marcos, истражувач на Faculty of Mathematical Sciences of the Complutense University во Madrid, во своите белешки истакнал дека астрономите ќе ја искористат близината на астероидот за подобро да го запознаат и истражат, бидејќи сегашните податоци покажуваат дека астероидот би можел да има дијаметар до 42 метри, што би значело дека е поголем од астероидот што влегол во атмосферата на Земјата над Челјабинск, Русија во 2013 година.
Да потсетиме, овој астероид имал пречник од 17 до 20 метри и експлодирал во воздухот над тој руски град, со што се ослободило енергија 20 до 30 пати поголема од атомската бомба фрлена на Хирошима, Јапонија. Тогаш остатоците од астероидот повредиле повеќе од 1.000 луѓе и оштетиле повеќе од 7.000 згради.
Но, de la Fuente Marcos истакнува дека астероидот 2024 PT5 нема да претставува никаква опасност за луѓето на Земјата. Ниту сега, ниту во следните неколку децении, бидејќи ќе се „смири“ на растојание од околу 4,2 милиони километри. Ова е приближно 10 пати поголемо од растојанието помеѓу Земјата и Месечината.
Тој исто така додава дека ова не е прв пат, а веројатно не и последен пат, Земјата да добие „краткорочен придружник“, но и дека не секој астероид ќе стане Земјината „мини-месечина“ бидејќи токму одредени услови се потребни за тоа. Значи, астероидот мора да патува со одредена брзина (бавна) и насока (прилично блиску до Земјата, во космичка скала) за да може Земјината гравитација да ја фати и задржи.
Астероидите кои стануваат мини-месечини доаѓаат на 4,5 милиони километри од Земјата со брзина под 3.600 километри на час. Во исто време, не е важно колку е голем или мал астероидот, туку само како ѝ приоѓа.
Што се однесува до оваа мини-месечина, таа накратко ќе се врати во близина на Земјата на почетокот на 2025 година, на растојание од 1,7 милиони километри, пред повторно да замине во вселената. Следниот состанок може да се очекува само во 2055 или 2084 година.
И за оние кои се надеваа дека ќе можат сами да го набљудуваат PT5 во 2024 година – лоша вест. Поради неговата оддалеченост и големина, нема да биде видлива со аматерски телескопи или двогледи. Ќе мора да се потпреме на астрономите и нивните уреди.



















