Водич за живот | „Полесно е да се биде љубовник отколку маж…“

429

Неуспешниот брак како причина за психички нарушувања кај сопружниците.

Бракот како признат социјален облик на полна заедница, која со закон е утврдена, треба да се заснова на топла емоционална врска меѓу сопружниците, меѓусебно почитување, доверба, другарство и љубов.

На нашето опшество потребен е колективен дух кој ќе го замени чувството на сопствеништво. Поради ова денес во брачните заедници главниот акцент се става на другарството и љубовта. Бракот кој ги нема овие квалитети претставува само една рамка без содржина, поточно зграда без темели.

Неуспешниот брак го сметаме оној брак во кој не дошло до доволно емоционално стопување меѓу партнерите во животното „НИЕ“, во кого брачните другари останале недоволно прилагодени еден на друг и во кого мажот и жената не наоѓаат потполно задоволување на своите чувства и потреби.

Но за тоа што е во бракот „потполно“ или „доволно“ немаме објективни мерила. Така, она што е за некои доволно, за други е малку, а на трети не им треба ни толку.

Ако појдеме од фактот дека во пореметувањето на брачните односи важна улога играат елементите – непостоење на реципроцитет на задоволувањата и конфликт кој може да биде јасен или скриен, вистински или нестварен, свесен или несвесен, веднаш врз овие централни карактеристики се надоврзува целата симптоматологија на неуспешниот брак. А таа се огледува во нетрпеливост меѓу партнерите, емоционално студенило меѓу нив, недоверба, сексуална оддалеченост, авторитативност или агресивност, полна невера, појава на различни облици на нарушување на сексуалната функција, одавање на алкохол и разни психички нарушувања најчесто од неуротска природа.

Ваков брак доведува до големи разочарувања меѓу сопружниците, бидејќи никаде чувството на запоставеност, несаканост или помалкувредност не е толку големо колку во бракот. Оттука е сосема разбирливо што неуспешниот брак може да стане причина за разни неуротски реакции кај луѓето кои се во него посредно ангажирани. Дали пак некој на своето разочарување во бракот ќе реагира со психички пречки, како тие ќе се манифестираат и со колкав интензитет, зависи од многу фактори. По правило, луѓето со неуротски примеси во структурата на својата личност побрзо реагираат на фрустрациите во бракот и тоа толку побурно колку што се неуротските црти на нивната личност подлабоко всадени.

Продолжува на страна 2