Мила Добревска е современа визуелна авторка (сликарка и мозаичар), која со својот единствен ликовен јазик, комбинирајќи ги експресивните движења на четката, играта на боените површини, како и редењето на мозаиците, има за цел да доловува и буди силни човечки емоции.
Изложбата насловена „Во кревет“ е прва самостојна изложба на Добревска и претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба. Овој опус веројатно доаѓа од авторовото истражување на личното и интимноста. Со креативната репрезентација на секојдневието, делата се претставени како потрага по инстинктивното и потсвесното.
Претставувањето на ликовите во сонлива состојба е скоро апстрактно, крајно геометризирано со едноставни форми кои суптилно ги доловуваат човечките стремежи преку доминантната игра на контрастни бои кои се натпреваруваат. Со чистиот и храбар колорит, набљудувачот е вовлечен во емоционалните пејзажи создадени од уметникот.
Невообичаениот приод кон медиумот на работа, со техниката на мозаик и импасто на платно, текстуралноста на густите потези, боените монохроматски површини имаат за цел да нѐ воведат преку нашата имагинација целосно да се поврземе со претставеното авторско сценарио.
Mила Добревска, 1999, Скопје. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” – Скопје, оддел сликарство, а своите студии ги продолжува на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, каде што дипломира како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите пост-дипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаик.
Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 26 септември 2022 година.
ОТВОРАЊЕ: Петок, 16 Септември, 20:00ч.
МЕСТО: МКЦ Галерија, Скопје.
МУЗИКА: DJ-сет Зоки Бејбе.
ИЗЛОЖБА: 16 Септември – 26 Септември.