Веројатноста за заразување со ковид 19 зависи од овие три фактори

221

Кој ќе има полесна, а кој потешка клиничка слика?

Снежана Пaјовиќ, директорка на Институтот за нуклеарни науки „Винча“, објаснува дека веројатноста за заразување со ковид 19 зависи од три фактори: нашата генетска предиспозиција, околностите под кои живееме и начинот на кој живееме.

Пајовиќ, изјави за РТС дека генетскиот профил на секој од нас носи одредени записи во гените, кои одредуваат дали постои поголема или помала предиспозиција за ковид 19. Таа објаснува дека генетските маркери јасно укажуваат на можен тек на развој и текот на болеста, што овозможува да се преземат превентивни активности за да се направи клиничката слика поблага.

Наведе дека нивното истражување придонесува за нови сознанија за тоа кои генетски параметри кај пациентите се поврзани со потешка клиничка слика и на тој начин дефинираат кои лица се подложни на развој на компликации.

„Нашата генетска предиспозиција, присуството на гени кои го кодираат целиот наш имунолошки одговор и антиоксидантната одбрана се основните параметри што укажуваат на тоа зошто некој има послаба, а некој драстична слика на ковид заболувањето. Исто така, генетските маркери јасно укажуваат на можниот тек на болеста што ни овозможува да дејствуваме превентивно, така што клиничката слика ќе биде поблага“, вели Пајовиќ, зборувајќи за истражувањето на кое работат истражувачите на лабораторијата за радиобиологија и молекуларна генетика на Институтот„ Винча“.

Додава дека е потребно во анализата да се вклучат сите досега познати фактори на ризик за компликации како резултат на ковид, со цел да се процени ризикот што е можно попрецизно.

Според неа, околностите вклучуваат фактори на животната средина, кои влијаат и на тоа дали ќе се манифестираат таканаречените лоши гени што секој од нас ги има во геномот.

Надворешните фактори на животната средина, исто така, можат да влијаат на изразувањето на лошите гени или нивното сузбивање.

Третиот фактор е начинот на живот, што значи како јадеме, какви биоактивни компоненти содржи храната, пред се антиоксиданти, колку долго спиеме, каква е нашата физичка активност.