Веќе ги нема, ниту пак ќе ги има | Прогласени за исчезнати 23 видови животни

2505

Со климатските промени и исчезнувањето на природните области, се поголем број видови се на работ. Меѓу исчезнатите има 11 птици, осум слатководни школки, два вида риба, лилјак и едно растение

Американската федерална агенција за заштита на фауната (FWS) денеска одлучи да прогласи исчезнати 23 животински видови, вклучувајќи го и клукајдрвецот со бел клун, кој официјално не е виден од 1944 година.

FWS “утврди дека овие видови се исчезнати”, се вели во соопштението. Започнат е процес за нивно повлекување од листата на загрозени видови.

Вакви истребувања ќе бидат почести?

Владини експерти се обидоа на многу начини да ги најдат овие 23 видови птици, риби и други животни. Тие предупредија дека климатските промени и губењето на живеалиштата, заедно со другите притисоци, би можеле да доведат до тоа почесто да исчезнуваат.

“Со климатските промени и исчезнувањето на природните области, сѐ поголем број видови се на работ. Сега е време за проактивни, заеднички и иновативни начини за спасување на дивината на Америка”, рече Deb Haaland, американски државен секретар за управување со федерални природни ресурси и територии. “Заминувањето на секој од 23-те видови е трајна загуба за природното наследство на Америка”, рече Bridget Fahey од FWS за New York Times.

„Тоа е отрезнувачки потсетник дека истребувањето е резултат на промените во околината предизвикани од човекот“, додаде таа.

Меѓу исчезнатите има 11 птици, осум слатководни школки, два вида риба, лилјак и едно растение, наведува агенцијата.

Белоклуниот клукајдрвец некогаш бил најголемиот клукајдрвец во Америка, но уништувањето на шумите во јужниот дел на САД го уништило неговото живеалиште. Последен пат е виден во 1944 година во североисточна Луизијана.