Вардар е на елитниот трон, Европа повторно му се поклони!!!
Историјата се повторува, Вардар се новиот европски првак, новиот владетел на Стариот Континент, по победата од 27: 24 (16:11) во финалето на Ф4 во Келн, на јубилејното десетто издание на Лигата на шампионите.
Перфектна, агресивна одбрана на вардарци, креативен напад, најчесто преку пикерите кои беа незадржливи за Веспрем и Миклер, Симултанка на Скубе, кој не само што проигруваше, туку и погодуваше и го предводеше македонскиот првак, таква перфектна слика понуди Вардар во првиот дел од мечот.
Итаа кон титулата, ниту повредата на Даниел Шишкарев, кој при една контра незгодно доскокна и побара измена поради болки во десната нога, не ги деконцентрираше вардарци.
Знаеја што сакаат момците на Парондо и беа подготвени да ја платат цената на бесмртноста. Егал до 4:4, а потоа комплетна контрола и највисока предност од шест гола (16:10), а со еден помалку заминаа на паузата.
Веспрем влезе со сосем поинаква тактика во второто полувреме, со Штербик на голот и одново со Ненадиќ во поставата, а тоа им донесе серија од 1-5 на почетокот од вториот дел што ја „стопи“ разликата на само еден гол, 17:16.
Парондо побара минута одмор за да ги смири момците, му даде шанса на Гедбан на голот и тоа веднаш направи разлика, а Вардар се најде на три гола предност, 20:17. Такво темпо држеа „црвено-црните“ 23:20, 26:23, за на крајот Чупиќ со пенал и Милосављев со две фантастични одбрани да ја запечати судбината на Веспрем.



















