Вакцината која цели на „омикрон“ може да се даде како „бустер“

205

Специјална вакцина против коронавирус, адаптирана за варијантата омикрон, може да се користи како бустер доза за зајакнување на имунитетот, соопшти советодавната група на Светската здравствена организација (СЗО).

Според достапните податоци, таквата вакцина може да биде од корист за оние кои веќе се целосно вакцинирани, соопшти панелот на СЗО за содржината на вакцините против Ковид-19, пренесува Хина, цитирајќи го Ројтерс.

Вакцините може да се земат предвид за глобална употреба кога се одобрени за итна употреба или кога се одобрени од надлежните регулаторни органи.

Производителите на вакцини како „Модерна“ и „Фајзер“ развиваат потенцијална дополнителна доза од новата генерација која, покрај оригиналниот сој, ќе ја таргетира и омикрон варијантата на коронавирусот.

„Модерна“ минатата недела рече дека новата варијанта на нејзината вакцина покажала подобар имунолошки одговор против омикрон од оригиналната верзија.

Оваа недела Европската медицинска агенција започна со тестирање на вакцината на „Модерна“ и „Фајзер“, прилагодена на варијантата „омикрон“.