Само што беше објавен, овој обемен труд стана предмет на критики. Откако од него беа избришани низа проблематични зборови, дел од лингвистите обвинија за цензура.
Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и со лексичко наследство кое не може да се оспори. Ова го порача премиерот Зоран Заев пред само два дена на промоцијата по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај на интерактивната платформа makedonski.gov.mk, на која е достапен во електронска верзија Tолковниот речник на македонскиот јазик.
Но, овој обемен труд во шест тома и со над 100 илјади зборови, кој беше замислен да помогне за развој на јазикот и да биде отворен ресурс за лигвистите во земјата и надвор од неа, веднаш по неговото објавување стана предмет на оспорување и критики. Место да се внесуваат нови зборови кои ќе доведат до негово збогатување, само еден ден по објавувањето се повлечени проблематични зборови кои се сметаат за навредливи за одредени групи на граѓани.
Додека за дел од лингвистите ваквиот чекор е еден вид цензура, од Владата тврдат – нема да има трајно бришење или забрана на зборови од Толковниот речник на македонскиот јазик.
Зборови за раздор
Се започна со реакцијата на Здружението за унапредување на правата на Ромите „Аваја“ кои се пожалија на зборовите „циганштија, циганштење“ и други, како навредливи за ромската заедница. Освен овие, повлечени се и зборовите „курва, ороспија, педер, каур“ за кои имаше реакции во јавноста и во медиумите.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова Грујовска во изјава за медиумите вели дека во знак на добра волја на редакцијата е одлучено да се тргнат зборовте коишто пречат некому, иако тоа се коси со правилата кои постојат во еден лексикографски труд. На иста линија е и професорот Људмил Спасов, кој објаснува дека не станува збор за цензура, а степенот на култура на заедницата е на тоа ниво, што ако некого навредува некој збор, тој ќе се повлече, што пак не значи дека на тој начин ќе се уништи јазикот.
Авторот на речничката одредница „циган“ која е поместена во делот за географски и други имиња, професорката Елка Јачева-Улчар, научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, упати остра реакција по повлекувањето на одредени зборови од дигиталниот Толковен речник. Според неа, во ниеден речник во светот не се бришат зборови коишто имаат погрдно значење.
„Ноќеска проверив во електронското издание на Толковниот речник и видов дека зборот ’циган’ веќе не постои, некој го избришал. Јас не знам дали Редакцијата на ова електронско издание на Толковниот речник се согласила да се избришат сите зборови со основа ’циган’, но мене како автор на горенаведената речничка статија никој ниту ме прашал, ниту ме консултирал“, вели таа во изјава за медиумите.
Нема забрана за зборови
Но, од Владата се децидни дека е целосна дезинформација дека ќе има бришење или забрана на зборови од Толковниот речник на македонскиот јазик.
„Институтот за македонски јазик којшто е единствено одговорен за содржината на Толковниот речник на македонскиот јазик ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следува процес низ којшто зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно, според современиот лингвистички и општествен контекст“, е ставот на Владата. Претставници на Владата и на Министерството за образование и наука веднаш стапиле во контакт со редакцијата на „Толковниот речник на македонскиот јазик“. „Од стручниот тим на речникот во Институтот за македонски јазик веднаш беше покажано разбирање и информираа дека лингвистите постигнале согласност зборовите што ги предизвикаа овие реакции да бидат повлечени“, се наведува во соопштението.
Електронската верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик кој беше изработен од Институтот за македонски јазик, свечено беше промовиран на 5 мај по повод Денот на македонскиот јазик.



















