„Тешкото“, на симболичен начин, преку националното оро, карактеристично за нашиот народ, ни ги прикажува вековните страдања, измачувања и стремежи да се биде слободен. Бунтовноста е присутна во најтешките моменти на непокорениот македонски народ.
Поетот започнал со потресното чувство предизвикано од ударот на тапанот и писокот на зурлата- чувство на жал и болка поради нешто недоживеано, нешто изгубено во неколкуте векови. Орото го започнуваат старци, а до нив се фаќаат младите и се разгорува неговиот тек-се редат слики на природните убавини на татковината.
„И во него шуми на реките зборот …“
И не само тоа, во орото е вткаена душата на Македонците. Огорчени и затворени во решетки на темнината имаат една единствена искра на надеж(во борбата се гледа надеж). Искрата ќе прерасне во пламен во кој ќе изгори мрачната сила и ќе го извојува вековниот стремеж- слободата.
„И душата чиниш на родот мој мачен
во тешкото оро се уткала сета“
Понатаму поетот како низ магла се сеќава на генерациите кои минале низ синџирот на ропството, секој до секого,
„сѐ еден до друг во бескрајно оро
син оди по татка, по деда си-внук“
Се редат генерации кои носат во себе една единствена мисла- да бидат слободни.
Тој- авторот, визионерски ѝ претскажал среќна и богата иднина на својата намачена земја. Верувал дека идните генерации во слободната татковина не ќе го заборават тешкото минато.
Тешкото
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.
Бонус видео:
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.



















