Страдањата и искушенијата на најпознатите сијамски близнаци во СССР

302

Од сите случаи на нераздвоени сијамски близнаци на целиот свет, Даша и Маша Кривошљапови доживеаја најдлабока старост. И имаа, веројатно, најнесреќна судбина.

Беше околу полноќ една ноќ во април 2003 година, кога на Маша ѝ запре срцето. Кога Даша се разбуди наутро, помисли дека нејзината сестра „цврсто спие“, но ги повика помошниците зашто се чувствуваше лошо. Ја мачеа необична слабост и главоболка. Една од сестрите Кривошљапови доживеа тежок инфаркт и беше мртва. Лекарите го сфатија тоа веднаш. „Сите околу нас постојано нè лажеа“, велеа повеќе пати сестрите во текот на својот живот. Ги излажаа и овој пат: на Даша не ѝ кажаа што се случило со нејзината „половина“. Само полека ѝ станувало сè полошо. 17 часа подоцна почина во сон од интоксикација. Сестрите тогаш имаа 53 години.

Досега во Русија сите веќе ги заборавија сестрите Кривошљапови. Тие порано беа сензација, во Советскиот Сојуз, како први родени и преживеани сијамски близнаци во земјата! Девојките се родени со две глави, со четири раце и со три нозе ( третата се наоѓаше под агол од 90 степени во однос на грбот и претставуваа две сраснати нозе со девет прсти). Секоја од сестрите имаа сопствени бели дробови, срце, желудник, бубрези и тенко црево. Заеднички им беа дебелото црево и мочниот меур.

Тешко породување

Сијамските близнаци Маша и Даша Кривошљапови

Тоа беа првите денови од новата 1950 година. Тие за советската кројачка Екатерина Кривошљапова станале вистински пекол. Се пораѓала веќе два дена и две ноќи. Неопходен беше царски рез. Ултразвучните апарати во СССР се појавија дури осум години по раѓањето на Маша и Даша. Затоа до последен момент никој ништо не ни претчувствувал за патологијата од која страдаа девојчињата. „Близначки!“, викнала младата бабица и паднала во несвест.

Додека Екатерина била во полусвесна состојба решиле да ги скријат децата. А, кога се разбудила, ѝ рекле: „За жал вашите деца се родени мртви. Оваа одлука била донесена со учество на таткото на девојчињата Михаил Кривошљапов. Во тоа време тој бил личен возач на Лаврентиј Берија.

Од болничката постела Екатерина станала две недели подоцна. Не верувала дека децата се мртви. „Но, чув детски плач!“, велела. Откако се сожалила на неа, една педијатриска сестра на практика ја одвела во собата со инкубатори, каде се наоѓале нејзините близначки. Потоа кај Екатерина се појавило психичко растројство и следните две години ги минала во психијатриска клинка.

Комплетната грижа за Маша и за Даша ја презела државата. Првите седум години од животот ги минаа на Институтот за педијатрија на Академијата за медицински науки на СССР под надзор на познатиот физиолог Пјотр Анохин, каде се спроведувало истражување на овој најредок облик сраснати близнаши-ишиопаги.

Маша и Даша со професорот Анохин и со Надежда Горохова која им станала втора мајка.

Тестирање на способноста за преживување

Како што ќе стане јасно подоцна, девојчињата биле меѓусебно нераскинливо поврзани како на физички, така и на емотивен план. Сонувале исти соништа; кога едната пиела алкохол, и другата се опивала; кога едната ќе се најадела, и другата чувствувала ситост; ако едната прими анестезија за заб, и другата, кога ќе престанела да делува, чувствувала болка и мачнина; една ќе започне мисла, а другата ќе ја доврши. Но, тогаш, во институтот за педијатрија, физиолозите само се обидуваа да ги утврдат границите на нивната меѓусебна чувствителност по метод на сурови експерименти.

Научниците сакале да утврдат каква улога вршат нивните поделени нерви и крвни системи, за да утврдат колку се способни да се прилагодат на екстремни услови како што се недостаток на сон, нагло опаѓање на температурата или глад. Кога имале три години, подолго време ги ставиле во мраз. Едно од девојчињата потоа добило воспаление на белите дробови, имало температура 40. Кај нејзината сестра, пак, немало никакво воспаление. Џули Батлер, британска новинарка и биограф на Маша, која разговараше со близначката во тек на 15 години, додека живееше со својот сопруг во Русија, вели: „Им вбризгуваа различни супстанци, вклучувајќи и радиоактивен јод, за да видат колку брзо ќе влијае на другата сестра. Потоа влијанието го мереа со помош на Гајгеров бројач“.

„Почнавме да пиеме на 12 години“

Кога беше завршена научната фаза на истражувањата, интересот на Кривошљапови започна да опаѓа. Благодарение на научниците тие кратко време беа сместени во Централниот научно-истражувачки институт за трауматологија и ортопедија. Таму им беше ампутирана третата нога и добија основно образование.

Близначките имаа мошне негативен однос кон операцијата. Но, во моментот кога започнаа да одат со помош на штаки (секоја од сестрите можеше да контролира само една нога) Кривошљапови се сметаа за „најсреќни во животот“.

„Тоа беше најстрашното искушение во животот“, ќе речат тие набргу откако на 12 години се најдоа на друго место, во Новочеркаскиот интернат за деца со болести на скелетно-мускулниот систем. „Токму тука за првпат во животот помисливме на самоубиство. Од некаква причина децата на почетокот не нè сакаа. Започнаа чести караници со девојчињата. Маша постојано се тепаше. Додека учевме на училиште, моравме непрекинато да трпиме потсмев, понижување, навреди. На пример, за шише вотка момчињата од одделението нè покажуваа на некои локални селски дечишта. Заменик-директорката често нè поддржуваше, но сепак ни беше многу тешко. Можеш ли да замислиш никој да не разговара со тебе?“, велеа тие. Тогаш, кога имале само 12 години, почнаа да пијат.

Популарни и несреќни

Проблемите со алкохолот со тек на време почнаа да стануваат сè потешки. Притоа од алкохолизам страдаше само Даша, додека Маша многу пушеше. Тие ретко преземаа навики една од друга, и, на изненадување на многумина, беа целосно различни психолошки типови. Ние двете сме целосно различни личности затворени во едно тело, велеа тие.

Даша беше поконцентрирана, посмирена и поодговорна. Маша беше повеќе расеана, со променливо расположение, непослушна и физички посилна. На часови Маша постојано препишуваше од својата сестра, „Учителите не можеа да нè преместат“, се шегуваа тие.

До зрела возраст сестрите често влегуваа во конфликт. Не се сложуваа дури ни во врска со пронаоѓањето на мајка им. Маша беше против. На крајот сепак ја пронајдоа, и дознаа дека имаат уште двајца браќа. „Наместо радосна прегратка нè пречека поглед на сосема туѓа жена“, се сеќаваше Маша.

Во 1989 година се преселија во Москва, каде добија соба во дом за стари. Но, и тука продолжи лошиот третман. Во деведесеттите години кај западните новинари се појави интерес за сестрите Кривошљапови (близначките редовно одбиваа да разговараат со руски новинари). Во 1993 година ја посетија Германија, каде за нив беше снимен фил, а потоа заминаа во Париз. Автобиографијата на Маша што ја приреди Џули Батлер, на крајот им донесе многу добар хонорар, околу 10 илјади фунти стерлинзи.

„Во декември 1997 година дознав дека Маша и Даша се во тешка состојба“ рече главниот лекар на Пермскиот нарколошки центар Сергеј Федорченко. „Страшно многу пиеја. Сите обиди да се излечат од алкохолизам пропаднаа“. На близначките им беше дијагностицирана цироза на црниот дроб и едем на белите дробови, по што се зачленија во друштво на анонимни алкохоличари и минаа низ терапија на кодирање. Но, тоа не траеше долго. Стравувајќи од нервен слом и смрт, лекарите ги декодираа.

На својот 50 роденден изјавија: „Пиеме зашто сме вакви накази. Во животот сè моравме да постигнеме сами, со солзи и со молби. Иако на секој чекор ни велеа: ‘Но, вие сте уникатни! На сè имате право! Тоа треба да го искористите! Но што да искористиме, својата наказност? Доживеавме 50 години само благодарение на силните карактери’“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.