СТАНУВА СÉ ПООПАСНО | Топлинската гилотина сé поблиску | Најмногу умираат луѓето

1378

Европската вселенска агенција (ESA) предупреди дека деновиве може да биде поставен нов температурен рекорд.

Италијанските метеоролози го нарекоа Kerberus, по триглавото куче од грчката митологија. Топлотниот бран Kerber го „турка“ топлиот воздух од Сахара преку Северна Африка во Медитеранот, каде деновиве се очекуваат рекордни температури.

Европската вселенска агенција (ESA) предупреди дека деновиве може да биде поставен нов температурен рекорд: највисоката температура во Европа досега од 48,8°C е измерена на Сицилија на 11 август 2021 година.

Што е топлотен бран?

Не постои единствена дефиниција за топлотен бран, но во климатолошка смисла тоа е период на продолжено траење на покачени дневни и особено максимални температури на воздухот.

Зачестените, интензивни и долготрајни топлотни бранови и сушата што ги придружува се показатели за климатските промени.

Светската метеоролошка организација (WMO) предупредува дека топлотните бранови ќе зачестат во Европа.

Неодамна објавената студија во Nature Medicine покажа дека дури 61.000 луѓе починале минатото лето во Европа како последица на топлотните бранови. Најмногу смртни случаи поради горештините и топлотните бранови се забележани во Италија (18.010), Шпанија (11.324) и Германија (8.173).

Што му прави екстремната топлина на нашето тело?

Човечкото тело реагира на високите температури на два клучни начини: со проширување на крвните садови во кожата и со производство на пот.

Проширувањето на крвните садови доведува до намалување на крвниот притисок и го принудува срцето посилно да ја турка крвта низ телото. Ова може да предизвика благи симптоми како што се осипите кои сврбат или отечени стапала бидејќи крвните садови протекуваат. Кај луѓето кои веќе страдаат од кардиоваскуларни болести, тоа може да доведе до срцев удар.

Потта го лади телото кога испарува од кожата, а тоа помага да се одржи внатрешната телесна температура помеѓу 36°Cи 37°C, што е неопходно за нормални метаболички функции. Во исто време, потењето доведува до губење на течности и сол, а тоа, во комбинација со намален крвен притисок, може да доведе до топлотна исцрпеност.

Што е топлотна исцрпеност?

Топлотната исцрпеност настанува кога нашето тело губи прекумерни количини на вода и сол. Меѓу симптомите на топлотна исцрпеност се вртоглавица, гадење, главоболка, тешко потење, замор, грчеви во мускулите, конфузија, забрзано дишење…

Обично не е сериозно ако можете да се оладите во рок од половина час со пиење многу вода и одмор на ладно место.

Што е топлотен удар?

За разлика од топлотниот бран, кој е метеоролошки поим, топлотниот удар е последица на високите температури на човечкото тело и неговото потекло е медицинско.

Топлотниот удар е сериозна медицинска состојба која се јавува кога вашето тело се прегрее, што може да предизвика губење на свеста. Ако на некој му се слоши од жештина и по 30 минути одмор на ладно место, веднаш да повика брза помош.

Која е највисоката температура што луѓето можат да ја издржат?

Според истражувањето на научниците од University of Roehampton во Велика Британија, горната критична температура за луѓето е помеѓу 40°C и 50°C, во зависност од влажноста на воздухот.

Високите температури го поттикнуваат човечкото тело да произведува пот, што ја лади кожата додека испарува. Но, кога се работи за небесно висока влажност, испарувањето се забавува и на крајот престанува. Таа пресвртница е кога т.н температурата на влажниот термометар (мерка која ги комбинира температурата на воздухот и влажноста) достигнува 35°C.

Кога и влажноста и температурата се многу високи, температурата на влажниот термометар може да се движи кон опасни нивоа. На пример, кога температурата на воздухот е 46,1°C и релативната влажност е 30%, температурата на влажниот термометар е само околу 30,5°C. Но, кога температурата на воздухот е 38,9°C и релативната влажност е 77%, температурата на влажниот термометар е околу 35°C.

Кој е најчувствителен на долготрајни високи температури?

Лицата кои се најмногу изложени на ризик од високи температури се постарите лица и оние кои веќе имаат проблеми со срцето, а во исто време немаат пристап до клима уреди, покажуваат студиите.

Дијабетесот може да доведе до побрзо губење на водата во телото, а некои компликации на болеста може да ги променат крвните садови и способноста за пот. Децата и оние кои се помалку мобилни исто така може да бидат поранливи.

Луѓето со ментални здравствени проблеми, како и оние кои страдаат од деменција, исто така се изложени на поголем ризик да умрат од екстремна топлина, покажа едно истражување. Ова може да се должи на ефектите на лековите или затоа што можеби не ги преземаат неопходните мерки на претпазливост за да останат разладени за време на топлотен бран.

Дали одредени лекови го зголемуваат ризикот за време на топлотен бран?

Да, но луѓето треба да продолжат да ги земаат лековите како и обично, но мора да се трудат повеќе да се оладат и да пијат доволно вода за да избегнат дехидрација.

Диуретиците, понекогаш наречени „апчиња за исфлање вода“, го зголемуваат ризикот од дехидрација и нерамнотежа на клучните минерали во телото при високи температури.

Антихипертензивните лекови во комбинација со проширување на крвните садови може да предизвикаат опасни падови на крвниот притисок. Некои лекови за епилепсија и Паркинсонова болест може да го блокираат потењето и да го отежнат телото да се лади.

 

Избегнувајте да бидете на сонце во периодот од 10:00 до 17:00 часот, особено децата, трудниците, старите лица, срцевите болни и пациентите со дијабетес.

Туширајте се или бањајте се во млака вода. Друга можност е завиткување во ладни влажни крпи, ладење со влажен сунѓер, купки за стапала итн. Носете лесна, широка и светла облека од природни материјали. Ако излегувате надвор, носете шапка или капа со широк обод и очила за сонце.

Редовно пијте течности, особено вода, а избегнувајте алкохол и пијалоци со премногу кофеин (на пр. кафе) и вишок шеќер. Почесто јадете мали оброци. Избегнувајте храна богата со протеини.