Стапките на смртност од рак на белите дробови во Европската унија бележат континуиран пад и кај мажите и кај жените, а престанокот со пушење и натаму се издвојува како најважниот фактор за подобрување на преживувањето, покажуваат најновите научни анализи.
И покрај позитивниот тренд, ракот на белите дробови останува водечка причина за смрт од рак во ЕУ кај двата пола, вели Карло Ла Векија, раководител на истражувачка група на Универзитетот во Милано.
Според податоците, смртноста кај мажите почнала да опаѓа уште во 1990-тите, додека кај жените растот бил забележлив сè до 2010-тите, по што и кај нив започнува тренд на намалување.
Истражувачкиот тим предвидува дека оваа година ќе има околу 23 смртни случаи од рак на белите дробови на 100.000 жители кај мажите и 12 на 100.000 кај жените во ЕУ.
Пушењето останува главен фактор поврзан со смртните случаи од рак, истакна Ла Векија во соопштение на Европското здружение за медицинска онкологија. Намалувањето на употребата на тутун се смета за камен-темелник во превенцијата на ракот на белите дробови, но и на други малигни заболувања, како што е ракот на панкреасот.
Покрај тоа, поздравата исхрана и напредокот во медицината значајно придонесуваат за подобрување на стапките на преживување, наведуваат научниците.
Со неколку исклучоци, смртноста се намалува и кај повеќето други видови на рак. Гледано вкупно, истражувачите прогнозираат дека во 2026 година стапката на смртност од сите видови на рак ќе изнесува 114 на 100.000 мажи во ЕУ, што е пад од осум проценти во споредба со периодот 2020–2022 година.
Кај жените, стапката се очекува да достигне 75 смртни случаи на 100.000 жители, што претставува намалување од шест проценти.
Единствен негативен тренд е забележан кај ракот на панкреасот кај жените, каде што смртноста се зголемила за еден процент во однос на 2020–2022 година и сега изнесува шест на 100.000 жители.
И покрај опаѓањето на стапките на смртност, експертите предупредуваат дека апсолутниот број на случаи расте, главно како последица на стареењето на населението.



















