Сè уште не е познато што точно паднало од небо на африканско село | Видео

903

Кениската вселенска агенција има претпоставка за што се работи, но сè уште има многу непознати околу овој објект.

Кон крајот на минатата година, жителите на едно село во Кенија биле преплашени од експлозија, откако виделе како запален предмет паѓа од небото, по што следела уште една експлозија, кога предметот паднал на земја.

Освен големиот страв на мештаните, не се евидентирани последици бидејќи паднал во шума, па за среќа нема повредени, ниту е евидентирана материјална штета на станбени објекти.

„Слушнав што звучеше како експлозија кога слета таму… Се прашував – дали е тоа крај на светот денес“, коментира еден жител за локалните медиуми, а пренесува metro.

За што точно се работи, или што паднало врз селото Mukuku во Кенија, се уште не е точно познато, но јасно е дека се работи за вселенски отпад, чие потекло допрва треба да се открие.

Кениската вселенска агенција верува дека станува збор за прстен од ракета-носач (тежи околу половина тон), но тие нагласуваат дека таквите објекти обично се дизајнирани да изгорат при повторното влегување во атмосферата на Земјата или да паднат во ненаселени области, како на пр. океанот.

Тие нагласуваат и дека се работи за „изолиран случај“ така што нема страв од паѓање на дополнителни предмети од небото.

“Како заедница, ние сме многу загрижени. Што ако паднал врз една од нашите куќи? Дали има компании на небото што предизвикале оваа работа да падне врз нас? Ни требаат одговори“, коментира еден жител.

Иако ваквите случаи не се вообичаени, тие станале почести во последно време бидејќи бројот на ракети кои се испраќаат во вселената рапидно се зголемува. Пред две години слична ситуација се случила во Австралија, каде дел од капсулата SpaceX Dragon паднал на фарма за овци, додека минатата година била поднесена тужба против НАСА кога парче метал паднал од небо на куќа во Флорида.

Од истата причина – делови од ракети кои паѓаат на земјата, и Кинезите биле неколку пати критикувани по лансирањето на ракетите Long March, а на почетокот на 2021 година цел свет следел една таква ракета, за која никој не знаел каде неговите делови би завршиле, па ни кинеската вселенска агенција. Иако агенцијата нагласи дека има мала опасност за имотот и луѓето на земјата, нивното враќање на земјата било без последици.

Извор: Metro