Самодовербата како основа на сè друго и нејзината поврзаност со лидерството

2135

Сè започнува со првиот чекор, а сè останато е искуството. Ако еден човек ја изгуби самодовербата, всушност ја губи вербата во своите способности и тој доживува пораз. Неуспехот не е пораз, туку само дел од играта. Откажувањето е пораз.

Самодовербата не зависи само од успехот, туку и од нашата индивидуалност и од целата социјална средина: родителската љубов, прифаќање должности, чувство на неограниченост – слобода, поддршка од менаџерот и од колегите и др. Неопходно е менаџерот да биде извор на позитивна енергија и самодоверба, кој потоа ќе се провлече низ целиот тим и сите ќе ја поседуваат.

Самодовербата е важна за концентрацијата. Ако станеме арогантни и самобендисани, стануваме толку сигурни дека успехот следува, што престануваме да имаме умствена енергија. Она што исто така негативно влијае на умствената енергија е нервозата. Кога сме нервозни стануваме уморни, а ако таа трае подолго време, нашата умствена енергија ќе биде веќе потрошена кога навистина ќе ни биде потребна.

Тоа нагризување предизвикува намалување на умствената енергија и концентрацијата се губи, а квалитетот на тоа што го работиме оди надолу. Но, менаџерот е тука за да помогне. Треба навреме да ги спушти на земја и со својот пример да им ја покаже својата филозофија на функционирање за да ја прифатат и тие.

Мотивацијата има позитивен ефект, но некогаш можеме да бидеме премногу мотивирани и тоа да даде негативни последици. Каков ќе биде пристапот на менаџерот и во која ситуација е многу важно, затоа што некогаш погрешниот начин на изложување може да предизвика намалување на самодовербата кај вработените или во најлош случај губење на самодовербата.

Самодовербата е тесно поврзана со мотивацијата. Кога мотивацијата оди надолу, тоа е знак дека самодовербата почнува да се лизга. Ако престанеме да веруваме во себе, како и во тоа што го работиме, нашата мотивација несвесно опаѓа. Затоа менаџерот мора многу да внимава секој вработен да влегува на неговото работно место со високо ниво на мотивираност. А во случај кога вработениот не е доволно мотивиран, да го охрабри и да му ја даде сета своја поддршка и помош.

Вистинскиот лидер

Малкумина можат навистина да бидат лидери во вистинска смисла на зборот и затоа малкумина успеале. Да се биде вистински лидер значи да ги сака и почитува своите подредени. Така и тие ќе го сакаат него.

Самодовербата е таа што произлегува од лидерот и се проширува на целиот тим. Кога најтесното опкружување, ќе ти покаже дека верува во тебе, па уште кога тоа верување произлегува од него, тогаш се чувствуваш како да си на врв на светот и влегуваш на своето работно место сосем релаксиран и подготвен да дадеш сè од себе за да ги извршиш успешно дневните обврски.

Лидерот треба да создаде победничка атмосфера околу себе и вработените ќе сфатат дека треба да веруваат во победата и во дофатувањето на поставената цел, но и доколку не ја остварат, да прифатат дека моменталниот неуспех е само еден чекор до успехот. И нема ништо поубаво од остварување на замисленото. Нема ништо поубаво од тоа да си свесен дека си дел од успехот на колективен тим. И нема ништо поубаво од тоа да знаеш дека менаџерот ти верува. Тогаш се чувствуваш сигурен во своите способности и сè оди напред.

Лидерот е потпора и сигурност. Вистинскиот лидер е оној што е способен да те разубеди дека можеш СÈ да направиш. И успехот доаѓа. Она што некогаш се нарекуваше невозможно, со помош на лидерот, сега се оствари.