Последици од климатските промени | На Алпите минатата година се стопил најмногу мраз досега

634
Mont Blanc

Минатата година повеќе мраз од глечерите се стопил на Алпите отколку кога било досега, објави во четвртокот агенцијата на ЕУ за следење на климатските промени.

Глечерите изгубиле повеќе од пет кубни километри мраз, објави Службата за климатски промени Copernicus.

Од агенцијата велат дека доколку споменатата ледена маса се „втисне“ во коцка, нејзините рабови би биле околу пет и пол пати повисоки од Ајфеловата кула.

Глациолозите претходно предупредиле дека состојбата на алпските глечери е вистински показател за последиците од климатските промени и дека, според песимистичките предвидувања, Алпите би можеле да останат речиси целосно без мраз до 2100 година, а само делови од површината на мразот ќе сочинуваат пет или помалку проценти од она што постои денес.

Количината на стопен мраз од глечерите не е единствениот рекорд што сервисот го забележал во 2022 година. Имено, Европа го доживеа најжешкото лето досега забележано.

Во просек е потопло за 1,4 степени Целзиусови во однос на референтниот период од 1991 до 2000 година.

Според Copernicus, температурите во Европа се зголемуваат приближно двојно побрзо од глобалниот просек.

Летото е обележано и со голема суша што зафати повеќе од една третина од Европа, што влијаело на земјоделството, транспортот и снабдувањето со енергија низ целиот континент.

Copernicus ги припишува сушните услови на потпросечните снежни врнежи претходната зима и топлотните бранови во текот на летото.

Во јужниот дел на Европа забележани се поголем број денови обележани со „екстремен топлотен стрес“, што значи дека многу високите температури претставуваат ризик за здравјето на населението.

Покрај тоа, сончевото зрачење над Европа е поинтензивно отколку во кој било период во изминатите 40 години.

Ова резултира со натпросечен потенцијал за производство на соларна енергија во многу делови на континентот, а овој тренд се очекува да продолжи.

Податоците од Copernicus се бележат од 1979 година.

Од 1950 година, Службата за климатски промени користи разни други податоци што ѝ се достапни, на пример податоци од копнени станици, балони, авиони и сателити.

Со помош на компјутерски анализи се објавуваат месечни податоци за температурите, покриеноста со мраз на морската површина и други појави.