Познатиот македонски композитор, аранжер и хармоникаш, Тодор Трајчевски почина на 67-годишна возраст од компликации како последици на Ковид–19.
Тодор Трајчевски е роден на 3 август, 1954 година во Штип. Студирал на факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 1983 година се вработил во Народниот оркестар на МРТ, а неколку години подоцна станал и негов раководител.
Автор е на повеќе од 200 песни од различни жанрови, има над 400 аранжмани, како и на инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија.
Соработувал со бројни македонски фолк ѕвезди и музичари. Пишувал и класични композиции главно за тромбон и клавир, во соработка со Дуо Рибарски. Тој беше постојан учесник на речиси сите фестивали во Македонија.



















