Океаните вријат ! Деветта година по ред се рушат топлински рекорди

488

Светските океани никогаш не биле потопли – новите научни податоци покажуваат драматично зголемување на акумулираната топлина, што го забрзува глобалното затоплување и носи долгорочни последици за климата и животот на планетата.

Светските океани деветта година по ред бележат рекордни нивоа на топлина, покажува анализата на меѓународна група научници, објавена од германската новинска агенција dpa.

Во 2025 година, топлината на океаните на длабочина до 2.000 метри достигна највисоко ниво откако започнаа систематските мерења. Истовремено, според глобалните просечни температури на површината на морето, 2025 година беше третата најтопла досега, веднаш по 2024 и 2023 година.

Научниците утврдиле дека во 2025 година океаните апсорбирале дополнителни 23 трилиони мегаџули топлинска енергија во споредба со претходната година. Овие резултати се објавени во студија предводена од Лиџинг Ченг од Кинеската академија на науките во Пекинг, заснована на податоци што се следат уште од 1958 година и објавена во научното списание „Напредок во атмосферските науки“.

Истражувачите посочуваат дека разликата меѓу површинските и длабочинските температури делумно се должи на слабеењето на климатскиот феномен Ел Нињо во Тихиот Океан во текот на изминатата година. Вообичаено, Ел Нињо е поврзан со повисоки температури на површината на морето на глобално ниво.

Сепак, при проценката на акумулираната топлина се земаат предвид и подлабоките слоеви на океанот. Поради тоа, океанската топлина е помалку подложна на краткорочни климатски осцилации и се смета за посигурен индикатор за долгорочните климатски промени.

Океаните апсорбираат повеќе од 90 проценти од вишокот топлина задржана од стакленичките гасови, што ги прави најголем резервоар на топлина во климатскиот систем. Токму затоа, океанскиот топлински флукс (OHC) — кој го одразува акумулирањето на топлина во океаните — се смета за еден од најважните показатели за глобалното затоплување, наведуваат авторите на студијата.