Од што се плашат децата најмногу на одредена возраст

627

Објавено February 26, 2017. Прочитано 29022

Малите деца често се плашат од нешто, што за возрасните е чиста бесмисленост. Во никој случај не смеете на детето да му покажете дека неговите стравови не ги сфаќате сериозно.

Од раѓање до шест месеци детето може да се уплаши од силен звук и ненадејни движења. Од седум месеци детето изразува вознемиреност при долготрајно отсуство на мајката.

По седум месеци детето се плаши од одредени гласни звуци, речиси сите непознати луѓе, облекување и соблекување, промена на околината, висина. Голем број мали деца се плашат од туш или од дупката за одвод во кадата.

На осум месеци се јавува страв од непознати личности, особено жени, кои личат на мама.

Околу втората година може да се јави страв од животни, сообраќај…

Стравот на децата до три години е дека родителите ќе ги отфрлат, присутен е и страв од непознати врсници, непозната средина, промена на начинот на живот. Детските психолози препорачуваат децата во градинка да се пратат или пред една и пол година или по третата година, имајќи предвид дека периодот меѓу втората и третата година во таа смисла е критичен.

На три години се јавува страв од казна. Стравот кај децата на таа возраст е помалу изразен ако таткото учествува во воспитувањето и ако не се задушува детето, односно тоа мора да има можност да ги изрази своите емоции и стравови.

Од три до пет години децата почнуват да се плашат од темница, осаменост и затворен простор. Токму на таа возраст родителите обично заклучуват дека детето не е веќе толку мало за да спие со нив, па го префрлаат во друга соба, му кажуваат „добра ноќ“ го гаснат светлото и ја затвораат вратата. Тоа на детето тешко му паѓа, бидејќи токму во тој период ги проектира дневните стравови: страв од бабарога, имагинарни чудовишта, духови или страшни ѕверови, кои се кријат под кревет или во орман.

Меѓу шестата и седмата година кулминација достигнува стравот од смртта. Токму на таа возраст кај детето се формира чувството за време и простор, се појавува концепција за животот, се добива сознание дека никој не живее вечно, дека луѓето се раѓаат или умираат и тоа се однесува и на неговото семејство.

На седум и осум години старите стравови се ублажуваат, но се појавуваат нови. Децата во првите одделенија почнуваат да се плашат од неодобрување на родителите, од тоа дека нема да им се исполнат желбите и очекувањата. Се раѓаат стравови поврзани со училиштето, страв дека ќе задоцнат или ека ќе добијат лоша оценка.