Со достоинство, емоција и гордост, Македонците во Викторија оваа година го одбележаа тројниот Илинден, храбрите победи на Филип и Александар, пламнувањето на слободата преку Крушевската Република во 1903, духовното раѓање на државноста со АСНОМ во 1944, и современиот Илинден, симбол на македонскиот стремеж за независност, идентитет и национално единство.
Илинденот беше одбележан во два дена исполнети со емоции, заедништво и длабока свест за значењето на историските корени.
Како патници низ времето, на 1 август македонската заедница од Џилонг (Geelong) организирано отпатува со автобуси кон места што се поврзуваат со македонското минато: заливот Порт Филип (Port Phillip Bay – Williamstown), планината Маседон (Mount Macedon) и врвот Александар (Mount Alexander), локации именувани во чест на македонски великани, кои денес стојат како стражари на нашата историја и симболи на храброст и достоинство.
Вториот ден од чествувањето, Македонската православна општина во Мелбурн и Викторија организираше комеморација во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“. Молитвениот помен беше посветен на македонските војводи и херои кои ги положија своите животи за татковината, за слободата на Македонија и за иднината на народот.
Пред споменикот на Гоце Делчев, присутните со обединети срца, во тивка благодарност и длабока чест кон оние што својот живот го посветиле на идеалот за слободна татковина. Во името на МАСО, Мирјана Неделковски положи венец од љубов, благодарност и сеќавање, симболична почит кон сите што го дале својот живот за нашата независност.
Ова дводневно прославување заврши со свечената гала вечер, одржана во Sheldon Reception. Настанот ги собра членовите на заедницата, пријателите на Македонија и високи гости, силен израз на поддршка и заедничка цел.
Меѓу присутните беа:
Конзулот на Република Македонија во Викторија, г. Али Алиевски
Министрите Melissa Horne, Natalie Suleyman и Daniel Mulino
Претставници од Македонската православна заедница во Викторија и Австралија – г. Дејан Змејкоски и г. Марјанче Тембелески
Dr. Ken Zulumovski – абориџинец по потекло, со македонски корени, кој на уникатен начин ја поврзува традицијата, духовноста и заедништвото
Од страна на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, г. Тодор Петров, беше испратена Илинденска честитка – порака исполнета со надеж, слога и верба во колективниот напредок на Македонците низ светот.
Културно-уметничката програма ја исполни вечерта со силна емоција. Фолклорните групи од КУД „Јане Сандански“ и „Светлост“ го разбудија срцето на минатото со своите ора, танци што го раскажуваат патот на македонската душа. Облечени во носии со живописни бои и вековни везови, тие беа како живи слики од еден непокорен дух. Изведбите ја оживеаја традицијата и ги допреа срцата на сите присутни, оставајќи впечаток исполнет со слава, љубов и македонска гордост.
Младите од МОЈА (MOYA – Македонска православна младина на Австралија) внесоа свежина во културното наследство со својата енергија и посветеност. Нивната работа носи светлина за новите генерации и ја продолжува нишката на македонското наследство со надеж и ентузијазам.
Музиката на оркестарот „Royal“ и изведбите на Сања Ристевска, Новица Василевски, Тијана Степановска и Петар Дамчевски создадоа магична атмосфера, песни што зборуваа за љубов, заедништво и културна припадност.
Лотаријата, организирана од Димче Могилчето, собра 600 долари, кои ќе бидат донирани преку платформата GoFundMe, иницирана од МАСО (Macedonian Australian Community Organisation), како поддршка за Кочани, гест што уште еднаш го потврдува чувството на заедништво и солидарност меѓу Македонците, без оглед на географските граници. Овој придонес се приклучува кон пошироката иницијатива за помош, преку која досега се собрани 38.628 долари. Овие средства претставуваат конкретна поддршка за погодените и силен симбол на нашата сплотеност како едно македонско семејство.
Прославата беше резултат на трудот и љубовта на организацијата MACO и нејзините посветени членови: Лидија Нешковски, Соња Дималовски и Кристијан Станојовски.
Ова чествување не беше само оддавање чест на минатото, туку и обнова на заветот за иднината. Во огнот на хероите, боите на носиите и чекорите на ората, Македонците во Викторија ја негуваат својата култура, го пренесуваат духот на историјата и го одржуваат пламенот на заедништвото што го осветлува патот што допрва доаѓа.
MACO како организација што ја претставува македонската заедница во Австралија, изразува голема благодарност и почит до Никола Неделковски, чии фотографии мајсторски ја доловија душата и светлината на овие незаборавни моменти, оставајќи траен спомен на нашата заедничка македонска историја и иднина.
Автор: Светлана Јаневска