Од џамија наместо молитва пуштена „Бела чао“ | Видео

352

Турските власти започнале истрага денес откако во Измир бил хакиран системот од кој се пуштаат молитвите, па така италијанската антифашистичка песна „Бела чао“ била пуштена од минарињата на неколку џамии.

Таа антифашистичка химна се емитувала вчера попладне наместо повик за молитва, што се емитува пет пати на ден, а оваа снимка билаобјавена и на социјалните мрежи.

Локален огранок на турските власти надлежни за верски работи го потврдиле овој инцидент на Твитер синоќа и најавиле отворање на внатрешна истрага и доставување извештај до полицијата.

„Бела чао“ се емитувала откако „непознати лица го саботирала и нелегално го хакирала системот за повици на молитва“, се вели во соопштението.

Обвинителството во Измир отворило истрага за инцидентот, во кој ќе бидат опфатени корисници на социјалните мрежи, осомничени за „негирање на верските вредности“, јави агенцијата Анадолија.

Портпаролот на владејачката партија, Омер Челик, „остро го осуди“ овој инцидент на Твитер и изјави дека сторителите ќе бидат пронајдени.

Инцидентот се случил среде Рамазан, муслиманскиот месец на постот и во времето кога џамиите биле затворени поради пандемијата на коронавирусот.