Се очекуваат големи загуби
Во Европската унија, туристичката индустрија учествува со 10 проценти во бруто домашниот производ (БДП). Во некои земји, како што се Грција или Малта, учеството на индустријата во БДП е од 20 до 25 проценти.
Според Европската комисија, Шпанија заработува околу 145 милијарди евра на годишно ниво од туризмот, а околу 240 милијарди евра германските хотели и туристичките агенции. Во „изворниот пазар“ Германија, од каде доаѓаат многу туристи, штетата е уште поголема отколку во традиционалните „целни пазари“, како што се Шпанија или Италија.
Кога ќе биде возможно патувањето?
Гари Капели, министер за туризам на Хрватска, земја која моментно претседава со ЕУ, изрази очекување дека северните Европејци ќе патуваат на југ во текот на летото, и покрај пандемијата, што би претставувало еден вид европска солидарност. „Ни треба заеднички план за обнова на туризмот“, рече Капели. Тој додаде дека е потребен заеднички здравствен концепт и дека на сите патници и организатори може да им се издаде еден вид „корона-здравствен пасош“.
Министерката за туризам на Малта, Јулија Фараџа Портели, бара заеднички стандарди на ЕУ кога станува збор за здравствената заштита во хотели, рестораните, авионите и плажите. „Постојат ризици, но ние треба да се справиме со нив“, рече Фараџа Портели на министерскиот состанок.
Другите влади се повоздржани и одат по свој пат. Австрија, на пример, ги отвора своите хотели на 29 мај, но тие треба да примат гости само од соседните земји и по можност региони каде што стапката на инфекција е ниска. Австрискиот канцелар Себастијан Курц предлага австријците да ги поминат своите летни одмори, во оваа вонредна корона година во матичната земја.
Продолжува на страна 3



















