НЕМА голема придобивка од инјектирање на хијалуронска киселина кај остеоартритис на коленото, покажа големо истражување, потврдувајќи ги растечките сомнежи дека овој тип на терапија ја ублажува болката.
Студијата „не ја поддржува општата употреба на вискосуплементација за ублажување на остеоартритисот на коленото“, велат авторите на студијата објавена во British Medical Journal (BMJ).
Артрозата на коленото е една од најчестите болести на зглобовите. Поради оштетување на зглобната ‘рскавица, пациентите трпат болка што им го отежнува секојдневниот живот, вклучително и одењето.
Таа е многу распространета и според податоците од 2020 година на кои се повикуваат авторите на студијата, артрозата на коленото погодува повеќе од половина милијарда луѓе во светот.
Во Франција, здравственото осигурување кое ги покрива трошоците за лекување проценува дека речиси една третина од населението на возраст меѓу 65 и 75 години има остеоартритис на коленото.
Со децении, една од водечките терапии пропишани за артроза на коленото се инјекциите на хијалуронска киселина, желатинозна супстанца која го подобрува подмачкувањето на зглобовите.
Но, вистинската ефикасност на оваа терапија, наречена вискосуплементација, станува сè посомнителна, поради што француското јавно здравство престана да ги покрива трошоците за таквата терапија пред неколку години, и покрај противењето на специјалистите, лабораториите кои ја произведуваат и здруженијата на пациентите.
Една студија објавена во BMJ оди токму во таа насока. Станува збор за мета-анализа која споредува одреден број претходни дела – кои опфаќаат неколку децении – што дава добар увид во материјата.
Авторите признаваат дека вискосуплементацијата „помага малку да се намали болката при артроза на коленото“, но тие пишуваат дека ефектот е премногу мал за да се смета за клинички релевантна.
Дотолку повеќе што инјектирањето на хијалуронска киселина не е безопасно: вискосуплементацијата е поврзана со сѐ потешки секундарни последици кога, на пример, се споредува со плацебо, пишуваат авторите.
Иако не можат да ја исклучат можната корист од вискосуплементацијата за одредени категории пациенти, авторите се против систематската употреба на таквата терапија кај артрозата на коленото.



















