Научниците пронашле начин да ѕирнат во „темната страна“ на Месечината

1379

Сликите на лунарниот извидувачки орбитер во комбинација со алгоритам за машинско учење им овозможиле на научниците да ѕирнат во темната страна на Месечината.

Иако често имаме впечаток дека Месечината не ротира и дека постојано гледаме во истиот дел од Земјиниот сателит, тоа не е баш точно. Како и Земјата, Месечината исто така ја изложува својата површина на Сонцето. Но, постојат делови кои никогаш не го гледаат Сонцето.

Станува збор за длабоки кратери и делови од половите на Месечината кои се заштитени од директното влијание на Сонцето. Во такви простори температурата е далеку под нулата (околу -163 степени Целзиусови), а научниците веруваат дека тие би можеле да кријат интересни работи. Како воден мраз.

Иако нема да знаеме што точно се крие во овие „темни делови“ на Месечината додека некој навистина не погледне внатре и не земе примероци за научниците да ги проучуваат, истражувањето на Валентин Бикел од ЕТХ Цирих, објавено во списанието Advanced Earth and Space Science, може да открие барем дел од она што се крие во темнината.

Имено, како што објасни Бикел, иако овие темни делови на Месечината никогаш не се изложени на директно Сонце, тоа не значи дека светлината не допира до нив. Благодарение на овие зраци на светлина кои се одбиваат од високите ѕидови на кратерот и стигнуваат до темните делови, Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) успеа да сними интересни слики.

За жал, сликите не се доволно јасни за да покажат што точно има во кратерите, но во комбинација со алгоритмот за машинско учење HORUS (Hyper-effective noise Removal U-net Software) развиен во ETH, научниците сепак дошле до интересни откритија.

Тимот ја искористи моќта на HORUS за прегледување и обработка на фотографии од 44 трајно темни области во делот каде што ќе се спроведува мисијата Артемис. Благодарение на нивната анализа, на експертите на НАСА ќе им биде полесно да го планираат местото на слетување на леталото со астронаути.

Имено, оделата за астронаути не можат континуирано да издржат толку ниски температури како во темните кратери. Затоа, доброто планирање и изборот на вистинските кратери за истражување е од клучно значење. Секако, освен астронаутите, кратерите ќе ги истражуваат и роботи.

НАСА планира до крајот на годината да испрати робот на јужниот пол на Месечината, кој треба да изврши прелиминарно истражување пред мисијата Артемис.

Иако научниците веруваат дека воден мраз се крие во длабоки кратери, тој веројатно не изгледа како што сме навикнати на Земјата. Бикел истакнува дека поверојатно е мразот да е измешан со лунарната прашина или да се наоѓа под самата површина.

Без разлика каде се наоѓа и во каква форма, неговото откривање би можело да го олесни планирањето на идните мисии, па дури и изградбата на бази на Месечината.