Спротивно на популарното мислење, се чини дека диносаурусите не биле избришани од удар на астероид, туку од колосален слој од исфрлена прашина, велат авторите на најновото научно истражување.
Запрепастувачкото откритие произлегло од новата научна студија, која ја доведува во прашање општоприфатената теорија за изумирањето на диносаурусите пред 66 милиони години.
Спротивно на популарното верување, директниот удар на астероидот не бил фатален, но остатоците создадени при ударот одиграле клучна улога.
Водени од Кралската опсерваторија на Белгија, научниците утврдија дека смелените карпи исфрлиле прашина во атмосферата на Земјата, создавајќи бариера што ја блокирало сончевата светлина и ја попречила фотосинтезата на растенијата.
Таа прашина, со вкупна тежина од неверојатни 2.000 гигатони, што е повеќе од 11 пати потешка од планината Еверест, останала во атмосферата до 15 години, предизвикувајќи глобална нуклеарна зима.
Како резултат на тоа, вегетацијата исчезнала, што на крајот довело до гладување на бројни видови тревопасни животни, вклучително и одредени диносауруси. Тој катастрофален настан резултирал со масовно истребување, збришувајќи 75 отсто од сите живи суштества на Земјата.
Потрагата за откривање на мистеријата за изумирањето на диносаурусите трае уште од откривањето на кратерот Чиксулуб во 1978 година. Сепак, таа геолошка формација сама по себе не може дефинитивно да ја утврди улогата на астероидот во големото изумирање пред 66 милиони години.
Честичките беа со идеална големина
Додека преовладувачката теорија сугерирала дека сулфурот или саѓите од ударот предизвикуваат подолг период на темнина и студ, новото истражување ја доведува во прашање таа идеја. Анализата на честичките пронајдени на фосилното место Танис во Северна Дакота, и покрај тоа што локацијата е оддалечена 4.584 километри од кратерот, сугерира дека прашината дигната од астероид е главниот виновник за климатските промени.
Студијата е објавена во списанието Nature Communications.
Овие честички, со големина од 0,8 до 8,0 микрометри, биле идеална големина да останат во атмосферата до 15 години. Со инкорпорирање на овие податоци во климатските модели, научниците откриле дека прашината најверојатно играла многу позначајна улога во масовното истребување отколку што се мислело. Од сите материјали пуштени во атмосферата, тие процениле дека 75 отсто е прашина, 24 отсто сулфур и само еден отсто саѓи.
Сè уште не е конечниот одговор?
Шон Гулик, геофизичар од Универзитетот во Тексас во Остин, кој не бил вклучен во студијата, го признал новото истражување како вреден придонес, но нагласил дека сè уште не нуди дефинитивен одговор на трајното прашање што точно ја предизвикало зимата по ударот на астероидот.
Разбирањето на последното масовно истребување на Земјата, истакна тој, има големо значење за разбирање на нашето минато и потенцијална иднина. Можеби можеме подобро да го предвидиме сопственото масовно истребување во кое можеби се наоѓаме, заклучи Гулик.



















