Донованозата е тропска болест која се јавува првенствено во земји како Индија, Папуа Нова Гвинеја, централна и северна Австралија.
Болеста наречена донованоза се манифестира преку формирање на чиреви на гениталиите. Ова може да се случи и кај мажите и кај жените, но кај мажите болеста се јавува двапати почесто отколку кај жените.
Донованозата е позната и како Granuloma inguinale (ингвинален гранулом), таа е полово пренослива болест, може да резултира со уништување на заразеното ткиво доколку не се спроведе соодветна терапија по воспалението, пишува Deutsche Welle.
Klebsiella granulomatis е одговорна за појавата на болеста.
Тропска болест
Оваа тропска сексуално пренослива болест се јавува првенствено во земји како Индија, Папуа Нова Гвинеја, централна и северна Австралија. Но, забележана е и во Виетнам или во некои африкански земји.
Донованозата спаѓа во групата на таканаречени STD, сексуално преносливи болести (Sexually Transmitted Diseases). Во Европа е доста ретка. На Стариот континент, кламидија, сифилис или гонореја сè уште се на листата на најчести полово преносливи болести.
Но, некои лекари во Велика Британија сега предупредуваат на можното ширење на оваа заразна болест. Во таа земја е забележан пораст на бројот на регистрирани случаи на донованоза.
Тек на болеста
Бидејќи донованозата не предизвикува болка, пациентите честопати едноставно ја занемаруваат. На почетокот на воспалителните места се формираат црвеникави јазли кои потоа релативно брзо исчезнуваат. Но, тогаш во нивна близина почнуваат да се појавуваат чиреви. Кога се допираат, почнуваат да крварат. Можат да се појават на различни делови од телото, но главно во пределот на гениталиите.
Кај мажите, пенисот е особено погоден, кај жените внатрешната страна на срамните усни. Доколку инфекцијата не се забележи во рана фаза, односно не се лекува на самиот почеток, се појавуваат гнојни отоци, а на крајот болеста го уништува ткивото. Времето на инкубација варира. Помеѓу инфекцијата и појавата на донованоза може да помине помеѓу една и 16 недели.
Дијагноза
Повеќето луѓе кои се инфицираат со донованоза се на возраст помеѓу 30 и 40 години. За потребите на дијагнозата, лекарите земаат брис од погодениот дел од телото или ткивото. Доколку е потребно, се врши анализа на клетките.
Така, лекарите можат да утврдат дали навистина се работи за донованоза или за некоја друга полово пренослива болест со слични симптоми. На пример за сифилис.
Раниот третман на болеста е многу важен
Ако дијагнозата е недвосмислена и јасна, лекарите на пациентите им препишуваат главно антибиотици. Под услов болеста да се лекува во рана фаза, можно е целосно излекување. А ако е веќе во напредна фаза, можните последици се едеми, „стискање“ на уретрата, вагината или аналниот канал. А можни се и трајни лузни.
Во случај на инфекција, човечкото тело не гради имунитет против причинителот на болеста, што значи дека нема заштита од евентуална нова инфекција.
Превенција
Како и со сите други сексуално преносливи болести, старото правило важи и за донованозата: најдобра заштита од причинителот на инфекцијата за време на сексот е употребата на кондом. Во тропските земји, ова е ендемична болест.
Во индустријализираните земји како Германија, разни организации ги информираат граѓаните за донованозата, но и за други полово преносливи болести кои можат да се „соберат“ додека престојуваат во странство.