Креаторот на теоријата на релативитетот, Алберт Ајнштајн, е роден на 14.03. 1879 година, по смртта на втората сопруга се вљубил во мажената Маргарита Коненкова, агент задолжена за шпионирање на нуклеарната програма на САД.
“Неодамна, јас ја измив косата без нечија помош, но не сум го направил тоа баш најдобро. Јас не сум толку внимателен како ти”, напиша Алберт Ајнштајн на Русинката Маргарита Коненкова која многу ја сакал, и која во тоа време, а тоа било во 1945 година, се вратила во СССР. Најпознатиот физичар не можел да се навикне на живот без неа: “Тука сè ме потсетува на тебе … секоја мала работа во мојата пустинска ќелија”.
Големиот физичар ја запознал мажената Коненкова во 1935 година, додека неговата втора жена Елса била жива. Една година подоцна, кога умрела, започнала неговата врска со 16 години помладата Русинка.

Заводливата шпионка
Коненкова била последната љубов на голем научник, но лојална на советската разузнавачка служба, и ја искористила својата врска со Ајнштајн за да ѝ помогне на Москва. Во писмата на Ајнштајн пронајдени кон крајот на деведесеттите, има многу тага по Коненкова, но има многу други податоци. Во писмото од 11 ноември 1945 година тој ја спомнува средбата со конзулот, “по програмата”, а конзулот бил главен советски разузнавач во САД, пишува www.rbth.com.
Која е Коненкова и како ја средила средбата со влијателниот научник од германско потекло и советскиот шпион само неколку месеци откако Америка го создала првото нуклеарно оружје? Маргарита е родена во далечна руска провинција, а подоцна се преселила во Москва.
Се шпекулирало дека била во врска со ѕвезди, како тогаш познатиот пејач Фјодор Шаљапин и дека била вљубена во еден од најпознатите руски композитори Сергеј Рахмањинов. Сепак, се омажила за талентираниот вајар Сергеј Коненков.
“Таа беше толку убава што ми изгледаше како да е дело на голем уметник”, се потсетувал Коненков.

“Ајнштајн се шегувал дека е познат по бујна коса”
Двојката се преселила во САД во 1923 година. Маргарита станала вистинска ѕвезда меѓу руските имигранти. Посетувала многу балови и манифестации, а нејзиниот сопруг продолжил да создава. Универзитетот во Принстон во 1935 година побарал од Коненков да направи мала биста на Ајнштајн, и токму во тоа време неговата сопруга се запознала со тогаш 56-годишниот научник.
– Ајнштајн беше невообичаено скромен човек. Тој се шегувал дека бил познат само по својата бујна коса – напишала во своите мемоари Коненкова и навела дека физичарот сакал да зборува за неговата теорија на релативноста. Маргарита не можела целосно да ја разбере суштината на теоријата, но таа секако имала разбирање за нејзиниот автор.
Кога во 1936 година умрела втората сопруга на Ајнштајн, Елса, односот со Коненкова прераснал во нешто повеќе од пријателство. Тој така во 1939 година, го замолил лекарот да ја советува престој во “здравата клима на езерото Saranac, New York”. Инаку, неговото живеалиште.

Бил подготвен да направи сè за неа
Маргарита секоја година поминувала по неколку месеци со Ајнштајн во Saranac, додека нејзиниот сопруг Сергеј работел во Чикаго. Вајарот дури смислил и име за вљубениот пар. Ги нарече “Алмар” (Алберт-Маргарита). Според писмата на Ајнштајн, за него моменти поминати со Маргарита биле многу скапоцени што бил подготвен да стори сѐ за неа.
Олег Однокољенко, новинар во списанието Независна Газета кој го истражувал односот помеѓу Ајнштајн и Коненко, изјавил во едно интервју дека сѐ уште е тешко да се каже дали таа навистина негувала искрени чувства кон научникот или само била на задача, но сигурно е веројатно дека работела за разузнавачка служба.
Според зборовите на Павле Судоплатов, генерал на разузнувачката служба од периодот на Сталин, Коненкова била незаменлив агент во шпионирањето на нуклеарната програма на САД, т.н. “Менхетен проект”.
“Во Принстон се зближила со влијателни физичари, Ајнштајн и [Роберт] Опенхајмер … Таа го убедувала Опенхајмер да вклучи луѓе познати по своите левичарски идеи. Нашите агенти биле подготвени да работат со нив”, напишал Судоплатов во својата книга “Специјални задачи “.
За разлика од Опенхајмер, Ајнштајн не бил директно вклучен во “Проектот Менхетн”, но научниците сметаат дека тој можел да дознае многу нешта за нуклеарната програма на Соединетите Американски Држави преку своите поранешни ученици и колеги кои на таа програма работеле. На Советскиот Сојуз тие информации им биле потребни.

“Маргарита, направив сѐ што можев”
Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, штом почнала да зоврева Студената војна, Коненкова и нејзиниот сопруг биле принудени да ги напушти САД и да се вратат во СССР.
Во исто време Коненкова се обидувала Ајнштајн да се состане со советскиот конзул Павле Михајлов, кој работел за Генералната управа на советската разузнавачка служба. Како што наведе Однокољенко, Ајнштајн го направил тоа за доброто на Маргарита, знаејќи дека од овој состанок зависи нејзината иднина во СССР, и со Михајлов се сретнал неколку пати.
Останува нејасно за што разговарале на тие состаноци и дали научникот на рускиот разузнувач обезбедил некои важни информации за руската разузнавачка служба. На Маргарита ѝ напишал дека направил сѐ што можел. Кога брачната двојка Коненков се вратила во Москва во 1946 година, властите ги згрижиле материјално, што значи дека по мислењето на Сталин работата на Маргарита била успешна.
Сепак, и руската и американската разузнавачка служба сè уште ги држат во тајност прашањата врзани за овој случај, и затоа не е можно да се открие што всушност се случувало во контактите на Ајнштајн со советските агенти пред повеќе од 70 години.
Ајнштајн починал во 1955 година, а Маргарита во 1980 година.