Ликовна изложба „Ехо“ на Ана Ивановска

62

Ликовната изложба „Ехо“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена во четврток, 19 јуни 2026 во 19 часот во галеријата Прима Центар Берлин, Германија.

ЕХО

„Ехо“ е визуелно истражување на трагите што глобалните настани ги оставаат врз поединецот и општеството. Пандемијата, војните и кризите создадоа чувство на неизвесност, страв и отуѓеност, но и потреба за преиспитување и внатрешна промена. Преку фотографија, фотомонтажа и инсталација, делата ги одразуваат емоционалните и психолошките состојби на современиот човек, поттикнувајќи размислување за личната и колективната трансформација.

Повторувачките мотиви на маски, ракавици и човечки фрагменти стануваат симболи на ограничувањата, ранливоста и прекинатата комуникација, додека делата со поинтимен карактер ги отвораат прашањата за телото, идентитетот, мајчинството и личното искуство. Во контраст на овие состојби, органските и космички форми во дел од работите упатуваат кон исцелување, внатрешен мир и повторно поврзување со природата.

Како ехо на современото време, проектот се движи помеѓу стравот и надежта, потсетувајќи нè дека и во периоди на неизвесност постои можност за трансформација, блискост и пронаоѓање нова смисла.

БИОГРАФИЈА

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2006), каде што ги завршила и постдипломските студии (2011). Од 2006 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и е коосновач на уметничките групи Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и МОМИ.

Досега реализирала 24 самостојни и околу 200 групни изложби во Македонија и странство. Добитничка е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2008), наградите на ДЛУМ за вајарство (2017) и нови медиуми (2020), како и наградата „10 Best World Artists“ на BIEAF во Бусан, Јужна Кореја (2025).

Остварила уметнички престои во Белград, Истанбул, Њујорк, Париз, Виена, Берлин, Тирана, Корча и Скопје. Во својата уметничка практика комбинира различни медиуми, како што се инсталацијата, објектот, скулптурата, сликарството, видеото и цртежот. Во својата работа ги истражува односите меѓу природата, поединецот и општеството, создавајќи дела што поттикнуваат размислување за егзистенцијата, трансформацијата и човековата поврзаност со светот.

www.anaivanovska.com