Лекар предупредува ! Никогаш не јадете храна од ваква конзерва – последиците можат да бидат фатални“

94

Надувена или оштетена конзерва може да содржи ботулински токсин – еден од најопасните познати отрови. Невролог открива кои се симптомите и кога мора веднаш да побарате лекарска помош.

Надувена, испукана или сериозно оштетена конзерва не е само знак дека производот не е исправен – таа може да крие еден од најопасните токсини познати на медицината. Неврологот д-р Баибинг Чен предупредува дека ваквата храна никогаш не треба да се консумира, бидејќи може да предизвика ботулизам – ретка, но потенцијално смртоносна болест.

Во изјава за „Дејли експрес“, д-р Чен објаснува дека најголем ризик претставуваат конзервите кои се надуени, испукани, протекуваат или имаат длабоки вдлабнатини. Таквите оштетувања можат да укажуваат на присуство на бактеријата Clostridium botulinum, која создава ботулински токсин.

Станува збор за еден од најсилните познати токсини, кој го блокира преносот на нервните сигнали кон мускулите. Последиците можат да бидат исклучително сериозни – од слабост на мускулите и заматен вид, до парализа, респираторна инсуфициенција и смртен исход доколку не се интервенира навреме.

Дополнителна опасност е што токсинот нема ниту мирис ниту вкус, па не може да се открие без лабораториско испитување.

„Ако не сте сигурни дека конзервата е безбедна, немојте да ризикувате. Подобро е да ја фрлите отколку да го загрозите здравјето“, советува д-р Чен.

Симптоми што не смеат да се игнорираат

Според Клиниката „Мајо“, симптомите најчесто се јавуваат од 12 до 36 часа по консумирањето на контаминирана храна, но можат да се појават и порано или неколку дена подоцна.

Најчести симптоми се:

  • тешкотии при голтање и зборување;
  • сува уста;
  • заматен или двоен вид;
  • спуштени очни капаци;
  • слабост на лицето и мускулите;
  • отежнато дишење;
  • гадење и повраќање;
  • стомачни грчеви;
  • парализа.

Лекарите предупредуваат дека при појава на овие симптоми по консумирање конзервирана храна, неопходно е веднаш да се побара медицинска помош. Навременото лекување со антитоксин значително ги намалува ризиците од трајни последици и смртен исход.

Не е доволен само рокот на употреба

Многумина при купување ја проверуваат само декларацијата и рокот на употреба, но експертите велат дека подеднакво важна е и состојбата на пакувањето.

Секоја надуена, испукана, протечена или силно оштетена конзерва треба веднаш да се отстрани и да не се отвора, ниту да се консумира нејзината содржина.

Според американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), ботулизмот е ретка болест, но најчесто е поврзан со неправилно домашно конзервирање на храна и консумирање производи од оштетени конзерви.

Д-р Чен открива дека, покрај оштетените конзервирани производи, избегнува и сурово или недоволно термички обработено свинско месо поради ризикот од невроцистицеркоза – паразитарна инфекција која може да го зафати мозокот и да предизвика сериозни невролошки компликации.