Легендата за Менг Џиангну, Ван Ксилијанг и Кинескиот ѕид

104
Менг Џиангну

Иако не може да се види од вселената, како што многумина погрешно веруваат, Големиот кинески ѕид, сепак е монументална градба со која се поврзуваат многу мистерии и легенди.

Кинескиот ѕид се градел со векови, првите тврдини за одбрана од напади биле изградени уште во 5. век пред н.е., а зиградбата продолжила до 17. Век. Најпознатите делови од ѕидот биле градени меѓу 15. и 17. век за време на владеењето на династијата Минг, кога градбата го добила препознатливиот изглед.

Кога конечно бил поврзан целиот ѕид, се протегал во должина од вкупно 8.851 километар. Имал просечна висина од 15 метри и ширина од 7 метри. УНЕСКО го има вброено на листата светски културни богатства и до ден-денес е една од најфасцинантните градби што некогаш биле изградени од човечки раце.

Секако, со една ваква монументална градба се врзани и бројни легенди. Од колено на колено се пренесува приказната за благородната и храбра девојка Менг Џиангну која се заљубила во Ван Ксилијанг и се омажила за него.

Менг Џиангну

Иако сакала да го скрие нејзиниот младоженец од кинеските власти кои барале работна сила за изградба на ѕидот, Фан бил одведен токму поради тоа. Менг немала слушнато ништо за него повеќе од една година, па решила да го побара и да го посети нејзиниот сакан.

На долгото патување што траело цели две години, се соочила со многу природни препреки, но конечно стигнала до делот од ѕидот на кој работел нејзиниот сопруг. Поминала толку долг пат за на крајот да сознае дека Фан починал од исцрпеност.

Кога ја дознала веста, Менг не можела да ја сокрие тагата. Плачела цели три дена. Легендата вели дека со нејзините солзи Менг срушила дел од ѕидот.

Легендата за Фан и Менг служи за да ја пренесе пораката дека многу луѓе платиле со својот живот за изградбата на ѕидот, работејќи во тешки и речиси невозможни услови. Некои историчари тврдат дека на изградбата на ѕидот работеле два милиони луѓе, од кои голем дел завршиле фатално поради неисхранетост, умор или во несреќни случаи.

Најголемата мистерија за Големиот кинески ѕид е дали тие тела биле заѕидани внатре во градбата бидејќи било невозможно да се пренесат преку суровите предели. Овие мистерии и легенди станаа составен дел од привлечноста на оваа турстичка атракција што годишно ја посетуваат милиони луѓе од целиот свет.