Куклата не знае за „не“ – бордел со секс-кукли во Дортмунд

569

Бордел во Дортмунд од неодамна на муштериите им нуди сексуални услуги на – кукли. Тоа отвора несекојдневни дилеми: дали сексот со кукли може воопшто да се сфати како „сексуален однос“ или е тоа само мастурбација, пишува Дојче веле.

Во една слепа улица во мирниот дел од Дортмунд се наоѓа првиот германски бордел со кукли. Гостите можат да изнајмат една од 12 силиконски кукли – меѓу нив е и една машка, како и една која има и гради и пенис, и за 80 евра со неа, во уредна и чиста соба, да ги исполнат своите сексуални желби.

Сопственичката на „Бордол“ (Bordoll) – јавната куќа со кукли е 30-годишната Евелин Шварц. Нејзиниот бордел истовремено е и студио за оние кои сексуално ги инспирираат доминација, робување, садизам и мазохизам. Таа ја отворила фирмата лани, по долги и безуспешни потраги по жени од Германија кои би работеле во јавната куќа. Зашто, вели, во овој бизнис најважна е – комуникацијата.

„Тогаш наидов на едно видео за бордел со кукли во Јапонија и помислив дека тоа би можело да функционира и во Германија“, вели Евелин додека седи на кауч покрај две свои градати кукли, додека на телевизорот се прикажува некој порно-филм.

Почнала со четири кукли, кои ги порачала од Кина. Брзо се појавиле и првите муштерии, па нарачала уште кукли, по цена од 1.000 до 2.000 ера.

„Немаат никакви чувства, изгледаат добро, не се болни, ги пружаат сите услуги без каков било приговор и можат да се користат во секаква положба,“ ги набројува газдарицата позитивните страни на своите секс-кукли.

Секој ден во нејзиниот бордел доаѓаат десетина луѓе, главно мажи, но повремено и жени. Евелин Шварц има и асистент задолжен за чистење, поправање и шминкање на куклите. Начинот на чистење на куклите е „тајна на куќата“, вели Евелин, „но тие во секој случај по секоја употреба темелно се чистат, мијат и дезинфицираат.“

Кои се муштериите?

Еден од корисниците на услугите, на интернет го оценува дортмундскиот бордел со кукли со чиста десетка, а различните видови секс кои ги имал со куклите ги опишува како „многу жешко, ново искуство“. Единствена забелешка му е што понекогаш му било тешко да манипулира со куклата тешка околу 30 килограми.

Куклите навистина за некои луѓе се „премногу пасивни“, потврдува Евелин, но додава дека многумина го ценат тоа што, откако ќе ја изнајмат куклата, не мораат да преговараат за „дополнителни услуги“. „Можете да добиете каква сакате сексуална услуга“, вели шефицата. „Можете да бидете апсолутен егоист и не мора да водите сметка за чувствата на куклата.“

Евелин Шварц тврди дека 70 проценти од клиентите, по првите искуства со куклите, повторно се враќаат. Ги има и млади и стари, богати и сиромашни „исто како во која било јавна куќа.“ Некои единствено сакаат ново искуство, а доаѓаат и оние кои не сакаат да имаат секс со друга личност, вели Евелин, нагласувајќи дека муштериите мора да се полнолетни.

„Дел од оние кои доаѓаат овде се луѓе кои имаат проблеми во општеството, не успеваат да остварат интеракција со други луѓе“, вели Евелин. „Тоа се оние кои не ве гледаат во очи, туку погледот им е вперен во подот додека зборуваат.“ А тука се и муштерии со опасни сексуални фантазии. „Подобро е да се биде насилен со кукла, отколку со жена“, вели сопственичката на борделот.

Се чини дека некои од муштериите и емотивно се врзуваат за куклите. „Тоа се забележува кај редовните корисници. Некои доаѓаат секоја недела и јасно е дека повеќе сакаат кукли отколку жени. А некои дури манифестираат и чувства, на пример тажни се ако нивната кукла се скрши.“

Општествено прифатливо?

Дортмундскиот „Бордол“ со кукли не е единствен во светот. Во Јапонија такви има десетици, а неодамна е отворен еден и во Барселона. Кукли можат исто така да се изнајмат и во Берлин.

Паралелно со напредокот на технологијата, се појавуваат и кукли со назнаки од вештачка интелигенција, кои би можеле да се користат и во бордели. Евелин Шварц меѓутоа смета дека такви кукли не се добри за бордели – првенствено поради високите трошоци, односно постојаната потреба за чистење поради честата употреба.

Според студија на Фондацијата за одговорна роботика, „прерано е да се каже како тоа ќе се развива во Европа, но воочливо е зголемено општествено прифаќање на бордели со секс-роботи.“

Тоа ги загрижува луѓето како што е Кејтлин Ричардсон, професорка по етика и култура на роботи и вештачка интелигенција од универзитетот Де Монтфорт во Велика Британија. Таа е покренувач на „Кампањата против сексуални роботи“ и укажува на проблемот на јакнење на антихуманистичкиот дел на општеството, што влијае на тоа како се дефинира самиот поим на човекот.

„Зошто живееме во општество во кое мислиме дека е во ред да се има однос со кукла?“, се прашува професорката Ричардсон. „Отвораме врата за егоцентричен свет… Со помош на порнографија, проституција и сексуално искористување деца, веќе создадовме свет полн со садисти, а сега на тие садисти, давајќи им кукли, ќе им ги зголемиме можностите за развој на нивните пориви. Идејата човечките суштества да се заменуваат со сопственост е вистински проблематична. Конечно, тоа не е секс со кукли, тоа е мастурбација.“

Кејтлин Ричардсон покрај тоа укажува и на изгледот на некои од куклите – тие личат на деца и затоа насилниот акт со кукла која претставува човечко суштество е неприфатлив и можен знак за некои други проблеми.

На креветот во задната соба на борделот во Дортмунд лежат Лиз и Емили. Неподвижни и голи. Оштетени се, во пределот на гениталиите силиконот е испукан. Ќе бидат продадени како половна стока. Рокот на траење на секоја од куклите е околу шест месеци, а откако е отворен „Бордол“ во април 2017. година, веќе десет кукли се заминати во „пензија“.