Кога жените творат – уметничките на Руската авангарда | Кица Колбе

501

Како во Баухаус, така и во Руската аванграда жените за првпат во историјата добиваат шанса да ги пројават своите уметнички дарби на ист начин како и мажите. 

Отсекогаш им се восхитувам на храбрите слики на Марк Ротко. Ама кога ја видов сликата на руската сликарка Олга Розанова, „Зелена лента“, од 1917-тата, тоа за мене беше откровение. Нејзиниот ликовен израз дури е и посмел во апстрактноста и редукцијата и од оној на Ротко. Ја насликала кусо пред на почине 1918-тата на 32 години. Тоа ја потврди мојата длабока увереност дека творештвото нема полова одредба. Како што ме потсети и на сопственото искуство во сликарството и во прозата, дека сите творци учествуваат во создавањето на едно дело кое е поголемо од секое поединечно дело. Како што и Борхес верувал дека сите творци пишуваат на една иста голема книга. Теоријата на „женското писмо“, колку таа и да е важна за социологијата на уметноста, за мене е премногу тесна за да го протолкува овој аспект на творештвото, создадено од мажи или од жени. Кога творецот или творкината ( на македонски уште немаме ваква именка!) создаваат, тие стануваат неутрална мембрана. Тие се‘ едно со објектот, со сликата, со тонот, со писмото. Творештвото во тој миг не е ниту женско, ниту машко. Творците во творечкиот чин стануваат „физиогномискиот поглед“ на Бенјамин, кој миметички се изедначува со објектот, со бојата. Затоа една млада руска аванградна уметничка во Москва го слика првото апстрактно платно, децении пред апстрактната уметност. Розанова создава ново име за сликарството. Цветопис, на руски. Бојопис, на македонски. Ликовност која е редуцирана само на бојата и формата. Чистота на изразот која ја има длабочината на медитацијата. Таа ја поседувала творечката интуиција да го прочита скриеното „писмо” на материјалот – на бојата, онака, како што неколку децении подоцна по истиот идеал трагал Марк Ротко, не познавајќи го делото на Розанова. Тоа, за жал, беше останало заборавено се‘ до 1970-тата.

Два периода од европската историја на уметноста ме фасцинираат не само заради творечката визија, туку и заради восхитувачкиот прилог на многу даровити жени. Тоа е периодот на Баухаус и оној на Руската авангарда, пред и по Октомвриската револуција. Интересно е што и двата периода, ненадминати по мноштвото творечки импулси, завршија со настапот на новата диктатура во иста година – 1932-та. За Баухаус тоа беше Хитлеровиот националсоцијалистички режим, за Руската авангарда Сталиновиот комунистички режим. Малкумина знаат дека во Русија пред Револуцијата многу млади жени од благородничките и високограѓанските слоеви имале можност да студираат ликовна академија не само во европските метрополи, туку и во Москва. Во Германија можноста да студираат уметност, и тоа рамноправно со мажите, младите Германки ја добија дури во Вајмарската република. Што значи, дури по 1918-тата. Баухаус беше формирана 1919-тата. Една третина од студентите биле жени. Во Руската авангарда пак учествувале со своето творештво неколку по дарба ненадминати уметнички.

Речиси сите руски уметнички од Европската и Руската авангарда се родени по 1880-тата. Пред да замине 1905-тата во Париз, украинката Соња Делоне (1885- 1979) студира најнапред на академијата во Петровград. Во Париз таа се истакнува како една од сликарките која најсмело експериментира во кубизмот. Подоцна, заедно со мажот и‘, францускиот сликар Робер Делоне, таа го втемелува ликовниот правец орфизам. Како и кај останатите сликарки на Руската аванграда, и Соња Делоне е мултиталент. Таа работи на костимографии за балет, но и на текстилен дизајн. Друга извонредна сликарка од предреволуционерна Русија е Александра Екстер (1882-1949), чии дела имав можност да ги видам на една изложба. Кубистичките слики кои таа ги слика 1910-тата не се разликуваат по ништо од оние на Пикасо или на Брак од истиот период. Само што таа, исто како и Соња Делоне, не се задржува во еден правец, туку се развива и постојано трага, во нови правци и во нови области. Откако по Октомвриската револуција заминува 1924-та во Париз, таа слика дела инспирирани од кубизмот, од супрематизмот и футуризмот. Креаира кукли, костими и сценографија за театарот, балетот и филмот. Во Русија таа еден период предава на ликовната академија. Исто толку восхитувачка е и сликарката Надежда Удалцова (1885 -1961). Таа е една од најистакнатите личности на Руската авангарда. Соработувала со Казимир Маљевиќ, Владимир Татлин и Љубов Попова. Заедно со нив, Удалцова го втемелува кубизмот и супрематизмот во Русија. И неа ја одликува дарба во повеќе области – сликарство, архитектура, типографија, сценографија, моден дизајн и индустриски дизајн. Многустраноста како творечко кредо ја дефинира и веќе споменатата сликарка, Олга Розанова. Таа пишува во своите белешки дека „е многу здодевно да се специјализираш само во една одредена уметничка област.“ Многустраноста, желбата да се експериментира со правци и материјали, естетското чувство за текстилот и модата, но и за најчистата ликовна апстракција е заедничкиот именител на многу уметнички како Розанова. Таа 1915-тата е првата руска сликарка која се занимава со мода. Во исто време слика, пишува лирика, објавува есеи и прилози за уметноста, организира изложби. И сето тоа е обединето во една синестетска симфонија од бои, тонови, знаци и букви, по принципот „зборот е буква плус тон“. Олга Розанова умира 1918-тата на 32 години, а зад себе остава неверојатно богато творештво од апстрактни колажи, супрематистички композиции и поезија инспирирана од сликарството.

И големата сликарка Наталија Гончарова ( 1881- 1962), на пример, студирала на ликовната академија во Москва уште 1898-та. Таму го запознала својот долгогодишен соработник, а подоцна и сопруг, сликарот Михаил Ларионов. Таа 1906-тата учествувала на изложбата во Есенскиот салон во Париз. Нејзини дела биле изложени заедно со делата на членовите на Blauer Reiter 1912 во Минхен. Учествувала на сите изложби на руските авангардисти во Москва. Основала заедно со нив уметнички групи, но и нови правци како кубофутуризмот и неопримитивизмот на руската авангарда. Во последниов таа ја обединила уметноста на иконописот со западноевропската уметност. И Гончарова работела костими и сценографија за прочуениот балет на Дјагиљев во Париз. По Револуцијата, 1921-та се преселила заедно со сопругот Михаил Ларионов во Париз.

Сите уметнички во Руската аванграда се преполни со визионерска енергија. Во исто време тие имаат неверојатна сензибилност за применета уметност која, како и жените на академијата Баухаус во Десау и Вајмар во Германија, ја преобразуваат со својот силен талент за сликарството, со исконското чувство за бојата и за формите. Олга Розанова била активна и во применетата уметност и во апстрактното сликарство. Покрај тоа, тие создавале и теорија на новата уметност. Тие ги обликувале новите уметнички правци. Сите ние најчесто супрематизмот го поврзуваме само со Казимир Маљевич. Затоа што дури пред неколку години на јавноста во Европа им беа презентирани делата на руските сликарки, кои заедно со него и со многу други руски уметници ја обликуваа идејата на супрематизмот и на конструктивизмот. Тоа што паѓа в очи кај сите уметнички на Руската авангарда, но и во Баухаус, е нивната бескомпромисност во потрагата по совршениот ликовен израз. Надежда Удалцова пишува дека „ уметничкиот правец е само школа, но не и цел.“ Се вели дека додека мажите како Маљевич, Лисицки и Татлин сонувале за утописка уметност и пишувале манифести, даровитите жени на Руската аванграда останувале поврзани со реалноста и се обидувале со сите средства да ја претворат утопијата во стварност. Тие формирале уметнички училишта и го реформирале уметничкото образование. Отварале нови музеи и ги обновувале старите, создавале форуми за уметничко образование на населението. Затоа што во себе ги носеле трагите од вековите во кои на жените, кои, иако поседувале творечка дарба, не им биле пристапни образовните установи и уметничките академии, тие уметнички од таа стигма направиле предност и богатство. Затоа што жените со векови творечката дарба можеле да ја развиваат само во домашната ракотворба и занаетите, како ткаежот, шиењето и плетењето, тие, и кога биле врвни сликарки, рамни по умеење и талент на своите колеги, имале една голема предност во однос на мажите. Тие поседувале практична интуиција во обликувањето на предметите за секојдневието. Од таа практична дарба на женското творештво профитираше и Баухаус. Затоа што, на пример, класата на ткајачките била единствената која работела рентабилно и заработувала пари со новите мустри за индустриски текстил. Жените ткајачки во Баухаус, како Алма Бушер, се првите дизајнери на мебел за детска соба. Тие имаат совршен вкус за формата и обликот кога се работи за дизајнирање на лампи, чајниците и порцелан, ненадминат по чистиот и модерен израз до ден-денес. Такви се сите дела на индустриски дизајн на Маријане Бранд во Баухаус, која е исто толку многустрана како и нејзините колешки во Москва и Петровград во истите години.

Како во Баухаус, така и во Руската аванграда жените за прв пат во историјата добиваат шанса да ги пројават своите уметнички дарби на ист начин како и мажите. И тие таа шанса ја прегрнуваат со сета силина на својата творечка личност! Тие се оригинални самосвесни, визионерски, интуитивни уметнички, кои, во исто време, се и сопруги и мајки. Гунта Стелцл, раководителката на ткајачката класа во Баухаус, на пример, го носела со себе во ткајачницата и своето дете. Тие имале една визија за женското творештво која обединува, а не разединува. Творештво кое ја зацелува раскинатоста на светот преку кревката сила на убавината. По нивниот ѕвезден миг, во Германија и во Русија, во сета Европа настапи периодот на варварството и на омразата. Но ниту најмрачниот мрак на војната не можеше да ја згасне светлината на чистата форма на делата како чудесната слика „Зелена лента” на Олга Розанова. Тие го спасија светот.

Колумна на Кица Колбе