Да се биде или не – на Фејсбук

76

Откако Кембриџ Аналитика злоупотреби податоци на корисници на Фејсбук, над социјалната мрежа се надвија темни облаци. Но, се чини дека Закерберг нема причина за загриженост – додека има корисници, ќе има и огласувачи, пишува Дојче веле.

Фејсбук со години расте со вртоглава брзина, како што и доликува на компанија која од раните 2000. почна од нула и стигна до годишен приход од 32,7 милијарди евра. Но, првиот квартал од 2018. година беше доста необичен период за гигантот меѓу социјалните мрежи.

Скандалот околу фирмата Кембриџ Аналитика иницираше досега невидени критики на сметка на Фејсбук. Вредноста на акциите драстично падна, основачот и директор Мајк Закерберг мораше да се правда пред американскиот Конгрес, по што на интернет следеше лавина шеги за неговата вкочанетост и незнаењето на американските конгресмени за интернет. Одделни огласувачи ги повлекоа рекламите од Фејсбук.

Одеднаш платформата со речиси 2,2 милијарди пријавени корисници мораше да се соочи со егзистенцијални прашања. Дали грижата околу приватноста ќе ги избрка корисниците? Дали огласувачите ќе престанат да плаќаат за реклами и така ќе загрозат 98 проценти од заработувачката на Фејсбук?

Но, податоците за првиот квартал од годинава покажуваат дека компанијата продолжува да расте и да заработува пари. Се чини дека Закерберг и неговите соработници можат да здивнат. Барем засега.

Закерберг се подготвува за пат

Кога јавноста дозна дека Кембриџ Аналитика имала податоци од преку 80 милиони корисници и ги искористила за да влијае врз гласачите во САД, неколку фирми презедоа решителни мерки против Фејсбук. Интернет-компанијата Моѕила, германската Комерцбанк, производителот на електронски уреди Сонос и други фирми престанаа да се рекламираат преку оваа социјална мрежа.

Во текот на наредните недели Фејсбук се сврте кон контрола на штетите. Марк Закерберг од Калифорнија отпатува во Вашингтон, а фирмата вети промени во подесувањата за приватност. „Нам ни е важна заштитата на вашата приватност“, им порача Закерберг на корисниците. „Ние не ги продаваме вашите податоци и нашиот систем е дизајниран така што можеме да прикажеме релевантни и корисни реклами а да не им оддадеме на огласувачите кои сте вие.“

Овие напори имаа одреден успех. Комерцбанк се врати на платформата, а претставник на фирмата, Уве Хелман, за Дојче веле изјави дека банката добила „конкретни ветувања дека ќе бидат преземени мерки и вакви инциденти нема да се повторат.“

Моѕила и неколку други компании уште не се вратија. „Уште чекаме да видиме дали овие промени ќе значат позитивни придвижувања за корисниците на Фејсбук“, вечи Јаша Кајкас-Волф, раководител на Одделот за маркетинг на Моѕила. „Ако на корисниците им дадете контрола над персонализираните реклами, и натаму не е исто како кога вашите подесувања во старт нудат вистинска приватност“, додава тој.

Вие сте производ

Кога скандалот стигна во медиумите и акциите на Фејсбук почнаа вртоглаво да паѓаат, многумина директори се запрашаа дали нивните фирми исто така би можеле малку да „одморат“ од Фејсбук. Масовен егзодус немаше, но сомнежите остануваат.

Проктор и Гембл (Proktor&Gembl), гигант на индустријата за нега на кожа, значително ги намали вложувањата во рекламирање на Фејсбук уште лани. Фирмата не е веќе сигурна дали рекламите на интернет се вистински ефикасни. Нестле, најголемата компанија за продажба на храна и пијалоци во светот, исто така е загрижена поради Фејсбук, иако и натаму се рекламира на мрежата.

„Покренавме детална ревизија околу тоа како апликациите на Нестле, сајтовите и платформите пристапуваат кон податоците на Фејсбук“, вели оваа компанија. Одговарајќи на прашање на Дојче веле, нејзиниот претставник дополнува дека Нестле ќе го процени ефектот на новите мерки на Фејсбук во следните два месеца.

Од перспектива на Фејсбук, ништо од ова не изгледа толку сериозно. Даниел Кострира работи за рекламната агенција Кокомор во Франкфурт, каде ги советува големите фирми како Нестле околу начините за рекламирање на оваа платформа. Тој вели дека не забележал големи промени во ставовите на своите клиенти кон Фејсбук. „Нѐ контактираа и нѐ прашаа за мислење, но уште нема промени во поглед на трошењето на нивните средства,“ вели Костира.

За огласувачите, Фејсбук е важен само поради способноста за целно пласирање реклами. А корисниците, додава Костира, на некое ниво веќе знаат дека „ако не плаќате за производ, тогаш вие сте производ.“ Со други зборови, вашите податоци се производ.

Ни со Фејсбук, ни без Фејсбук

Судејќи според сѐ, огласувачите ќе си заминат единствено ако си заминат обичните корисници и така платформата стана помалку популарна. Податоците за првиот квартал од 2018. година меѓутоа покажуваат дека просечниот број дневно активни корисници пораснал за 50 милиони од декември 2017. година до крајот на март 2018. и сега е околу 1,45 милијарди. На месечно ниво, бројот на активни корисници е 2,2 милијарди, што е исто така зголемување во однос на 2,13 милијарди во декември.

Надја, корсник на Фејсбук од Берлин, размислува типично. Нејзе ѝ пречи неодамнешниот скандал околу заштитата на податоци, но нема сериозни планови да ја напушти платформата. „Ако заминам, луѓето со кои сакам да останам во контакт и натаму ќе бидат на Фејсбук и јас можеби веќе нема да бидам во контакт со нив.“