Колку всушност е штетно да се јаде мувлосан леб?

280

Секому може да му се случи да најде мувла на лебот, особено во летните месеци со кои доаѓаат високите температури и влажноста.

Но, што да се прави во таа ситуација?

Експертите советуваат да ги избегнувате сите намирници на кои забележувате знаци на мувла, вклучително и лебот. Иако живееме во време на екстремно обработена и пастеризирана храна, мувлата за жал сè уште е дел од нашите животи.

Ако забележите дека лебот изгледа мувлосан, отстранувањето на „погодените“ делови нема да ви помогне многу бидејќи мувлата има микроскопски корени, кои допираат длабоко под површината на храната на која најчесто се гледа.

Иако најдобро би било да проверите дали има мувла на вашата храна пред да почнете да јадете, не секој успева да биде постојано внимателен.

Што ќе се случи ако сепак изедете мувла?

Иако најголемиот дел од мувлата што се појавува на лебот можеби нема да ви наштети, имало случаи кога луѓето имале сериозни реакции откако ја изеле мувлата – но не поради токсините што ги содржи туку поради алергиските реакции што ги предизвикала.

На пример, на лебот многу често се појавува еден вид мувла што содржи пеницилин. Алергиските реакции на мувла може да бидат сериозни и да вклучуваат ненадеен пад на крвниот притисок, отежнато дишење и (во ретки случаи) проблеми со кардиоваскуларниот систем.

Но, што е со луѓето кои немаат алергиски реакции на мувла?

Со цел мувлата да биде навистина штетна, треба да бидете изложени на неа подолг временски период.

Како да се избегне појавата на мувла?

Задолжително проверете ја храната пред да ја купите (или барем пред да го земете првиот залак), но не ја мирисајте храната за да откриете дали има мувла на неа.

Вдишувањето на мувла може да предизвика алергиски реакции како што се кивање и течење на носот. Најважниот фактор за спречување на појавата на мувла во вашиот дом е чистотата.

Мувлата од храната може да влезе и да остане на различни површини, како што се внатрешноста на вашиот фрижидер, кујнски крпи, контејнери за складирање храна, па дури и работни површини и сунѓери за чистење.