Изложеноста на чад од шумски пожари може да го скрати преживувањето на ракот на белите дробови

451

Студијата користела напредно моделирање за да го процени дневниот квалитет на воздухот во населбите каде што живееле пациентите.

Изложеноста на чад од шумски пожари може да го зголеми ризикот од смрт од рак на белите дробови кај пациенти со рак на белите дробови, особено кај непушачите, но ефектот може да се ублажи со одредени терапии, според голема студија од Калифорнија презентирана на состанокот на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго.

Научниците го следеле развојот на болеста кај повеќе од 18.000 луѓе со неситноклеточен рак на белите дробови, најчестиот тип, помеѓу 2017 и 2020 година.

Тие откриле дека пациентите кои живееле во области со највисоки нивоа на загадување на воздухот предизвикани од шумски пожари имале поголема веројатност да умрат од болеста во годината по дијагнозата.

Пациентите кои вдишале големи количини на фини честички со дијаметар од 2,5 микрони или помали, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови, имале 20 проценти поголем ризик од смрт од рак на белите дробови, објавиле учесниците на состанокот во Чикаго.

Истражувачите откриле уште една интересна работа – луѓето со напреден 4 стадиум на рак кои никогаш не пушеле биле особено ранливи.

Ризикот од смрт од рак во нивниот случај бил за 55 проценти поголем ако овие пациенти претходно биле изложени на високо ниво на загадување на воздухот предизвикано од шумски пожари.

Чадот од шумските пожари е потоксичен од обичното загадување

Студијата користела напредно моделирање за да се процени дневниот квалитет на воздухот во населбите каде што живееле пациентите. Спроведена е врз основа на сателитски податоци, метеоролошки модели, прогнози за чад и врз основа на редовно следење на квалитетот на воздухот.

Истражувачите, исто така, откриле дека изложеноста на чад од шумски пожари не влијаела значително на стапките на преживување кај пациенти кои биле пушачи и имале рак на белите дробови во 4 стадиум и биле третирани со лекови за имунотерапија.

Овој изненадувачки тренд сугерира дека промените во телото поврзани со вдишувањето на чад што произлегува од шумските пожари може да реагираат со одредени видови третман, поради што треба да спроведеме дополнителни истражувања за овој феномен, истакнаа истражувачите.

Чадот од шумските пожари е потоксичен од обичното загадување на воздухот. Покрај честичките од почвата и разните биолошки материјали, тој често содржи траги од хемикалии, метали, пластика и други синтетички материјали.

Како што шумските пожари стануваат почести и поинтензивни и во Калифорнија и во остатокот од САД, потребни ни се насочени здравствени стратегии за заштита на пациентите со рак, како и на сите други кои се борат со сериозни здравствени состојби, рече раководителот на студијата, д-р Surbhi Singhal, од Центарот за рак на UC Davis во Сакраменто, Калифорнија.